почетна / Новости / Активности / Интервјуа во медиуми / Кога маркетите се домаќинки, сармата се витка со мелена салама, а месото се похува без месо

Кога маркетите се домаќинки, сармата се витка со мелена салама, а месото се похува без месо

Во Македонија има прецизна регулатива за тоа што треба да содржи и како да се подготвува храната за продажба, но и обврска на пакувањето да се назначат тие податоци. Речиси во ниту еден маркет или специјализирана продавница во државата на етикетата што се лепи на кутијата со јадењето нема информации за составот на јадењето, ниту за датумот кога е подготвено, а уште помалку за тоа дали содржи одредени алергени. На лепенката освен називот на јадењето, грамажата и цената нема ниту еден друг податок.

За среќа, барем досега немало посериозни и помасовни труења од домашната храна што ја подготвуваат маркетите и специјализираните продавници. Но, поплаки од лица кои ја купиле има. Според одговорните во Организацијата на потрошувачи на Македонија, тие главно се однесуваат токму на недостаток на информаици во врска со составот и датумот на подготовка. Потрошуцвачите многу често се жалат дека храната им била продадена како тазе зготвена, а всушност била тазе подгреана.

– Има поплаки за готвените јадења, но не е многу голем бројот. Обично поплаките се за тоа дека јадењата се продаваат подгреани, односно дека не се готвени тој ден, потоа дека нема декларација на кутиите, па не се знае какво месо е употребено, но и дека нема датум на производство, вели Маријана Лончар Велкова, претседател на ОПМ.
Од Организацијата на потрошувачи уште додаваат дека нашата регулатива ги обврзува фирмите кои произведуваат ваква храна задолжително да имаат серификат Хасап, а тоа треба да е напишано на декларациијата на храната. Дали маркетите и кујните кои призведуваат домашни готвени јадења навистина го поседуваат неопходниот сертификат, нивните муштерии не можат да знаат, зашто тоа никаде не е наведено.

Агенцијата за храна и ветеринарство постојано ги потсетува граѓаните дека храната во трговската мрежа, веројатно вклучувајќи ја и готвената, е безбедна. Но, нема институција која ќе гарантира за квалитетот. Со ваков проблем се соочуваат и жителите на Белград. Тамошната организација на потрошувачите, повикувајќи се на забелешките на граѓаните констатира дека најчести недостатоци на готвените јадења се тоа што се пресолени, зготвени со бајато месо, потоа на меленото месо му е додаван компир, а печеното месо и риба се недопечени, додека во похуваното месо воопшто нема месо.

Српските медиуми наведуваат дека Националната организација на потрошувачи на Србија предупредува дека готвените јадења во маркетите и специјализираните продавници во таа земја со години никој не ги контролира.

– За жал, нема никаква проверка на безбедноста, а камоли на квалитетот на овие намирници, објаснува Горан Паповиќ, претседател на оваа оганизација.
Тој во својата изјава за медиумите уште и забележува дека од тие причини на продавниците им се ширум отворени вратите за злоупотреба при дистрибуирање на готовите, топли јадења, а на муштериите апсолутно никој не им го гарантира видот на суровините од кои се подготвени оброците, ниту пак дека се чувани на соодветен начин.

Слични се забелешките и на македонските конзументи на оваа храна. Оние со кои разговаравме потврдуваат дека не се сосема сигурни што се има во јадењето и дали тоа е навистина тазе, но генерално се задоволни. Дел од нив сметаат дека ова не е голем проблем и велат дека редовно ги купуваат овие јадења.

Други, пак, информираат дека многу пати се почувствувале измамени, зашто откриле дека во сармата наместо мелено месо има мелена салама, дека во некои јадења наместо млечен има растителн кашкавал или наместо сирење има урда. Еден од нашите соговорници вели дека еднаш се посомневал дека во маркетите оваа хрнаа се готви од непродадените, бајати или потсушени прехранбени продукти, па почнал да ја конзумира поретко.

x

Може да ве интересира

ПРОФИТ: Фер со потрошувачот

На 5-ти Септември на телевизијата Наша ТВ се емитуваше емисијата „Профит“ наменета ...