почетна / Новости / Известувања / „Кон подобра соработка на граѓанските организации со деловниот сектор“

„Кон подобра соработка на граѓанските организации со деловниот сектор“

80% од финансиските средства на нашите граѓански организации доаѓаат од странски донатори. За да се помогне во менување на оваа слика, која не е одржлива на подолг рок, денеска во Скопје беше промовиран триесет месечен проект финансиран од Европската унија. Проектот, насловен „Партнерство меѓу граѓанското општество и деловниот сектор – развивање иновативен модел за мобилизација на финансиски средства“ на долг рок треба да ја подобри финансиската одржливост на домашното граѓанско општество. Оваа иницијатива се спроведува од Здружението на консултанти и бизниси „Креација“, Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ и Организацијата на потрошувачите (ОПМ).

Проектот ќе ги развие капацитетите кај граѓанските организации да даваат услуги на деловниот сектор. Поконкретно, вклучените граѓански организации ќе започнат да нудат услуги за сертифицирање на претпријатијата за фер практики кон потрошувачите, што го вклучува и влијанието на производите врз животната средина. „Компаниите кои ќе се стекнат со сертификатот ќе бидат меѓу првите кои официјално ќе бидат сертифицирани и препознаени како деловни субјекти со фер практики кон потрошувачите и грижа за животната средина и ќе стекнат дополнителна видливост преку предвидените промотивни активности “ – според Ристо Иванов, менаџер на проектот.

Александар Николов, извршен директор на Асоцијацијата Зенит, ги претстави главните цели и активности, осврнувајќи се на потребата за ваков проект. Според Николов, „Владата во Стратегијата за соработка со граѓанските организации потенцира дека треба да се зголеми давањето услуги од граѓанските организации и дека треба да се надмине состојбата каде соработката на граѓанското општество со претпријатијата се сведува на ад-хок донации и спонзорства. За таа цел ние настојуваме да изградиме модел на соработка во која и двете страни – и граѓанските организации и компаниите – ќе имаат заеднички долгорочни интереси.“

Претседателката на македонската Организација на потрошувачите, Маријана Лончар Велкова,  истакна: „Со промовирањето на сертификатот се надеваме дека ќе поттикнеме натпревар меѓу компаниите во развивање на фер однос кон потрошувачите, а со тоа ќе помогнеме малку да се растоварат надлежните инспекциски служби.“

На настанот, г. Алеш Крајнц Кушлан од Еквилиб Институтот од Словенија претстави успешни искуства од Европската унија за давање сертификациски услуги на компании од страна на граѓански организации. Во склоп на настанот се одржа и консултација за кодекс на однесување со потрошувачите, а беше најавено и регрантирање за најмалку 11 граѓански организации за промоција на сертификатот и давање услуги за негово воведување.

x

Може да ве интересира

Цените на одделни производи да се вратат на нивото пред поплавите

Владата на Република Македонија на последната седница донесе одлука за определување на ...