почетна / Новости / Активности / Настани и промоции / Македонија се вклучи во глобалната кампања „Недела на зелена акција“

Македонија се вклучи во глобалната кампања „Недела на зелена акција“

Организацијата на потрошувачите на Македонија, Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит и Здружението на агроновинари Медиа плус денес, на 07.10.2017 година, ја промовираа мобилната апликацијата за мобилни уреди „Органски пат“. Апликацијата им овозможува на потрошувачите брзо и едноставно да дознаат каде во нивна близина можат да набават или консумираат органска храна. „Од денес секој ќе може на својот мобилен телефон да ги пребарува производителите на органска храна во Македонија, како и ресторани, продавници и сместувачки објекти кои имаат органска храна во своите понуди“ – изјави Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачите. „Со консумирањето органска храна граѓаните можат да го зачуваат своето здравје, како и животната средина.“

Со оваа активност Македонија се вклучи во глобалната кампања „Недела на зелена акција“ која се одржува од 2–8 октомври 2017 г. Кампањата, предводена од Меѓународната организација на потрошувачи, промовира одржлива потрошувачка и годинава опфаќа 29 земји во Африка, Азија, Европа и Америка.
„Во последниве шест години во Македонија е преполовен бројот на производители на органска храна“ – додаде Александар Николов од Асоцијацијата Зенит. „Луѓето се откажуваат од органското земјоделство кое не дозволува употреба на вештачки препарати, и се враќаат кон традиционалното земјоделско производство со сите негативни ефекти по здравјето и животната средина. Со оваа апликација сакаме да го спречиме овој тренд и на потрошувачите да им ги доближиме органските производи.“
Апликацијата „Органски пат“ е достапна бесплатно на Google Play Store, на следниот линк: https://play.google.com/store/apps/details…

Изработката на апликацијата беше финансиски поддржана од проектот „Премини на органско – потрошувачите во фокусот на земјоделската политика“, кој цели кон поттикнување на производство на органска храна во Македонија притоа земајќи ги предвид интересите на потрошувачите. Овој проект е поддржан од програмата „Одржливо земјоделство за одржлив Балкан“, спроведувана од конзорциум предводен од ОРКА – Белград.

x

Може да ве интересира

Граѓаните за промени – Ден на граѓанските организации

Организацијата на потрошувачите учествуваше на Националниот форум: „Граѓаните за промени – Ден ...