почетна / Новости / Активности / Настани и промоции / Министерството за земјоделство претстави серија мерки за поддршка на органските фармери побарани од граѓанскиот сектор

Министерството за земјоделство претстави серија мерки за поддршка на органските фармери побарани од граѓанскиот сектор

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Љупчо Николовски, денеска најави обемен сет за поттикнување на органското производство на храна. Покрај зголемувањето за една третина на финансиската поддршка за развој на органското земјоделство во 2018 г., новите мерки што ги планира Владата ќе вклучат и доделување државно земјоделско земјиште наменето исклучиво за производство на органска храна и сточна храна. „Министерството, во склоп на напорите за поттикнување на младите земјоделци, ќе воведе нова политика со која предност за добивање поддршка ќе имаат младите земјоделци чија што дејност би била токму органското производство“ – изјави Министерот. Најавена беше и иницијатива за измена на законската регулатива со што ќе се овозможи одредени подрачја, на пр. Мариово, да се сертифицираат како органски региони и каде сите производи ќе имаат третман на органски. Во насока на подигнување на свеста на потрошувачите за предностите на органските производи, во тек се средби со Министерството за здравство за воспоставување на „органско мени“ во Клиниката за детски болести.

Овие чекори беа најавени на тркалезна маса подготвена од Организацијата на потрошувачите на Македонија, Асоцијација „Зенит“ и Здружението „Медиа Плус“ заедно со Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ). Организаторите ги поздравија овие зафати на Владата како сериозен исчекор и изразија спремност да соработуваат со Министерството на нивна реализација.

Претседателот на Организацијата на потрошувачи на Македонија, г-ѓа Маријана Лончар Велкова, ја претстави изработената апликација за мобилни телефони и посебен веб-сајт што ги прикажуваат локалната понуда на органски производи пред македонските потрошувачи.

Присутните производители на органска храна ги споделија своите искуства, проблеми и очекувања, со барања да се им се помогне во зголемување на асортиманот на производите,  да се подобри промоцијата на органската храна пред потрошувачите имајќи ги предвид  нејзините придобивки за заштита на животната средина и здравјето. На настанот беше промовирано новоформираното кластерско здружение на органски производители, што беше поздравено од директорот на Асоцијацијата Зенит како клучен чекор со кој ќе се овозможи полесна соработка на фармерите со поголемите трговски ланци кои таа храна ќе им ја направат подостапна на потрошувачите.

Средбата беше поддржана  од проектот „Преминете на органско – потрошувачите во центарот на земјоделската политика“ финансиран од Европската Унија преку програмата „Одржливо земјоделство за одржлив Балкан“, и од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на Швајцарската агенција за развој и соработка имплементирана од Свисконтакт.

x

Може да ве интересира

Мобилната апликација „Органски пат“ претставена пред Агенцијата за храна и ветеринарство

Организацијата на потрошувачите на Македонија, Асоцијацијата за развојни иницијативи – Зенит и здружението на ...