почетна / Новости / Статистика на советување / Најчести проблеми на потрошувачите во текот на 2014-та година

Најчести проблеми на потрошувачите во текот на 2014-та година

Во текот на 2014та година во Организацијата на потрошувачите на Македонија беа направени 3263 советувања од кои 1092 во советодавните бироа на организациите во Штип (292), Кочани (294), Тетово (150), Охрид (124), Битола (232), а 2171 советувања во советодавното биро на ОПМ во Скопје. Од советувањата 2788 беа општо правни советувања, а 475 беа специјалистички (исхрана, финансиски услуги, права на пациенти и домување).

Иако видот на проблемите на потрошувачите варираше во зависност од периодот на годината, преку целата година како најдоминантен проблем се издвои проблемот на потрошувачите со неквалитетни технички производи и гаранцијата и сервисирање на истите. Во овој домен најмногу жалби од страна на потрошувачите имаше за мобилните телефони, за кои тие се жалеа дека ги купиле како расипани, дека премногу брзо се расипале, дека гаранцијата им е поништена од нејасни причини и не по нивна вина. Истиот проблем, но со помал интензитет го имаше и со лап-топ, таблет и декстоп компјутерите. Понатаму во советодавното биро пристигнуваа жалби на потрошувачите и за производите од бела техника (како што се фрижидери, шпорети, рерни и др. мали кујнски апарати) и други технички апарати (телевизори, камери, косилки за трева, клима уреди, грејни тела и т.н.).

Помал број на потрошувачи во текот на годината се пожалија на квалитетот на одредени делови за автомобилите а најчесто се работеше за неквалитетни акумулатори кои пројавувале недостаток во гарантен рок.

Од производите за лична употреба најчесто потрошувачите имаа проблем со чевлите кои им се оштетиле за само неколку дена, а потоа следи неквалитетната облека која исто така многу брзо се оштетувала или избледувала. Во одредени периоди забележавме и пораст на поплаките за накит и видови на асесоари, за кои потрошувачите пројавија сомневање за квалитетот, имаа проблеми со гаранцијата за истите, како и со сервисирањето.

Во делот на услугите потрошувачите најчесто се жалеа на туристичките аранжмани, најчесто поплаките пристигнуваа во летниот период за време на годишните одмори, а поплаките се однесуваа на неисполнување на дел од понудите и целосно откажување на аранжман. Дел од советувањата се однесуваа и за хемиското чистење на облека, каде проблемот претежно беше дека при вршење на услугата облеката била уништена или оштетена.

Во делот на телекомуникациските услуги најголем дел на поплаките се однесуваа на мобилната телефонија, т.е. за сметките од мобилните оператори, а особено овој проблем беше застапен во летниот период каде имаше додатни трошоци за роаминг во странство, како и за остварен интернет сообраќај во и вон земјата. Како втор проблем најзастапени беа операторите кои нудат телевизиски услуги, каде потрошувачите се жалеа за квалитетот на услугата, висината на сметките и неисполнување на делови од договорот, како што се на пример членовите за бројот на канали кои операторот треба да ги обезбеди.

Од проблемите со јавните претпријатија, најголем број на поплаки се однесуваа на испораката на електрична енергија, каде што потрошувачите се жалеа за најразлични работи, а еден од најчестите проблеми беа механичка пресметка на потрошена електрична енергија на сметките, а имаше и поплаки за висината на напонот на електричната енергија, работењето на мерните апарати и проблеми при вклучување или исклучување од мрежата.

Понатаму потрошувачите имаа проблеми и со испораката на топлинска енергија, каде најчесто тие се жалеа на сметките особено на оние кои се исклучени мрежата и добиваат паушални сметки, а потоа и голем број на потрошувачи се пожалија на квалитетот и интензитетот на греењето во грејната сезона.

Дел од потрошувачите имаа проблеми со водовод и смет, каде што најчесто се жалеа на висината на сметките или проблеми со испораката на вода или редовноста во собирањето на сметот.

Помал дел на потрошувачи се пожалија на квалитетот на јавниот превоз, пред се за автобусите линии но и такси службите.

Потрошувачите од Скопје се пожалија и на проблемите кои ги имале при користење на „Градски паркинг“ и „Паркинзи Центар“, а жалбите се однесуваа во проблеми со наплатата, висина на сумата на услугите и условите под кои се нуди услугата.

Во доменот на храната потрошувачите се жалеа на квалитетот на храната која ја купиле, тие велеа дека често се случило да купат храна со поминат рок, дека нашле страни предмети во храната или пак храната немала декларација на македонски јазик и кирилско писмо. Голем дел од поплаките се однесуваа на готвена храна која се продава во одредени маркети.

За финансиските услуги поплаките се однесуваа за потрошувачките кредити кои ги земале потрошувачите или планирале да ги земат. Потоа се жалеа на проблеми со дебитните и кредитните картички, во однос на тоа дека им биле наплатувани додатни непредвидени трошоци и т.н.

Во делот на осигурувањето потрошувачите најмногу имаа проблем со осигурувањето на возилата, цената за осигурување, проблеми при исплатата, склучувањето на договор за осигурување и сл.

Лековите беа најчест проблем на потрошувачите во делот на правата на пациентите, а потоа следена проблемите при стоматолошките услуги или квалитетот на ортопедските помагала.

Во делот на домување, најчест проблем на потрошувачите беа куќните совети, процесот на формирање на истите, управување со зградата и проблеми при склучувањето на договор со фирма која ќе го врши управувањето со зградата.