почетна / Новости / Услуги / Други видови услуги / Кога сте патник, Вие сте и потрошувач

Кога сте патник, Вие сте и потрошувач

Кога сте патник, Вие сте и потрошувач. Морате да бидете добро информирани за се особено:

на кого ќе му се обратите за надомест на штета доколку собата во туристичкото место не е воопшто обезбедена или е неподобна за користење, доколку местото во превозното средство не е обезбедено, ако во текот на патувањето или во хотелот дојде до губење на багажот или до телесна повреда.

Најчесто граѓаните им веруваат на агенциите кои многу ветуваат со презентираните рекламни материјали и фотографии. Но, практиката покажува нешто сосема друго. Минатата година во периодот на летните одмори Организацијата на потрошувачите на Македонија имаше 54 поплаки кои се однесуваа на пропусти направени од страна на туристичките агенции.

Затоа ОПМ им препорачува на граѓаните:

Патувајте со лиценцирани агенции со кои ќе склучите договор за патување во писмена форма. Кога склучувате договор за организирано патување, разгледајте ги понудите на повеќе туристички агенции. Откако ќе се одлучите за посакуваниот аранжман повеќето агенции ќе ви побараат одреден аванс за кој треба да ви издадат потврда за платената сума. Целиот износ за аранжманот сте должни да го платите пред поаѓање кога треба да инсистирате да добиете фискална сметка. Со овие документи доколку имате одредени проблеми на патувањето може да поднесете приговор до самата агенција, ОПМ и Државниот пазарен инспекторат. Во спротивно единствен начин за надомест на штета на патникот е водење на долга, бавна и скапа судска постапка.

Напоменуваме дека ТА одговара за секоја штета предизвикана од целосно или делумно извршување на обврските кои се однесуваат на организирањето на патувањето кои се предвидени со договорот. Тоа значи дека организаторот одговара и во случај кога во ангажираниот хотел нема место и неможе да најде алтернативно адекватно сместување, но и во случај кога наместо соба со поглед на море, сте добиле соба на внатрешниот паркинг на хотелот. Во ваков случај ТА е должна да ви понуди алтернативно сместување кое е прифатливо за вас, или да ви ги врати уплатените парични средства и да ве врати на местото на поаѓање. И доколку се одлучите да не го продолжите одморот, а сте изгубиле неколку битни денови, имате право да побарате паричен надомест за бескорисно изгубено време од одморот од организаторот на патувањето. Доколку сметате дека услугите на патувањето се нецелосно и неквалитетно извршени можете да барате сразмерно намлување на цената. Ова право можете да го оставрите ако поднесете приговор во рок од 8 дена до ТА од денот на завршување на патувањето.

Потрошувачи, патувањата и престојот надвор од вашето место на живеење треба да биде ваше задоволство. Важно е да ги знаете своите права. Важно е да не молчите. Вие сте тие кои можете да спречите и други луѓе да бидат измамени со лажни реклами и лажни ветувања. Доколку се чуствувате измамени обратете се до Организацијата на потрошувачите на Македонија или до Државниот пазарен инспекторат кои ќе ви помогнат да ги оставарите вашите права. Напишете ги вашите искуства од организирани туристички патувања, а ние ќе ги објавиме во нашиот Билтен и дневниот печат. Во силната конкуренција и на туристичките агенции им е битен добриот глас.