почетна / Новости / Известувања / Подобар дигитален свет

Подобар дигитален свет

Дигиталната технологија го промени потрошувачкото искуство ширум светот. Новите видови на услуги ги „размрдаа“ традиционалните пазари, а потрошувачите можат да купат производи, да додаваат или да дојдат до информации, и да комуницираат со луѓе на различни страни за светот едно кликање на копче.

Сепак, овие можности и придобивки покренуваат некои големи прашања. Дали нашите лични информации се безбедни онлајн? Дали знаеме кои податоци се собираат за нас и дали сме задоволни од тоа како се користат или споделуваат? Како новите услуги донесуваат одлуки за нас и дали тие одлуки се фер? Како да овозможиме секој во светот да има пристап до интернет и да има корист од неговата погодност, избор и пониски цени?

Светската потрошувачка организација со своите членки, меѓу кои и ОПМ, работи на голем број проекти кои ќе помогнат да се изгради дигитален свет на кој потрошувачите ќе можат да веруваат. Целта е да се осигуриме дека правата на луѓето се заштитени онлајн и дека потрошувачите од целиот свет имаат пристап до онлајн услугите и производите, на кои што можат да веруваат.

Помеѓу 1995 и 2017 година 50% од светското население доби интернет пристап. Генерално гледано ова е одличен податок, но сликата се менува кога ќе навлеземе во подетална анализа на оваа бројка. Додека достапноста до интернет кај развиените земји се зголеми и до 90%, во некои земји помалку од 10% од населението е онлајн. Охрабрувачки податок за нас е што согласно овие податоци, бројот на корисници во Р. Македонија е значително поголем од сите наши соседи, и на рамниште на просекот во Европската Унија.

Други податоци велат дека во зависност од тоа каде живеете, интернет конекција во некои држави може да ве чини 5 долари месечно, додека пак во други држави може да ве чини дури 1000 долари месечно.

Во 2017 година, продажбата преку интернет достигна 2,29 трилиони долари, но речиси 70% од потрошувачите изразуваат загриженост дека нивните дигитални плаќања не се безбедни.

49% од корисниците на интернет кои никогаш не купуваат онлајн го обвинуваат недостатокот на доверба.

Покрај порастот на онлајн продажбата помеѓу потрошувачите и бизнисите, значително поголем процент бележи бизнис со бизнис продажбата, која сè повеќе расте. Потребно е да се воочи и фактот дека економиите на развиените земји од Северна Америка и Европа, кои досега беа лидери на онлајн пазарот имаат намалениот обем на продажба, за сметка на значително зголемениот обем на продажба на земјите од Азискиот континент, кои континуирано се во пораст.

Методите кои се користат за плаќање на купените производи и услуги се разликуваат во одредени држави. Потрошувачите од регионот на Источна Европа каде што спаѓа Р. Македонија преферираат плаќање со дебитни картички или плаќање преку трансакциска смета, а како трет најкористен метод е плаќањето со кредитна картичка. Малиот процент на користење на кредитни картички е приказ за недовербата на граѓаните од овој регион кон понудените системи за плаќање. За споредба, на глобално ниво, кредитните картички се најкористен метод за плаќање.

Според анализите на Светската организација на потрошувачи, користењето на мајчиниот јазик на потрошувачот придонесува до зголемување на продажбата на стоки и услуги, па затоа се поголем број на трговци користат алатки за преведување на нивните веб-продавници на се повеќе јазици. Овој тренд се почесто го користат и македонските трговци, чии веб-продавници се достапни на албански, турски и многу други јазици. Анализите исто така велат дека користењето на локалната валута, има голема улога во одлуката дали потрошувачот ќе ги даде своите пари или не.

Продажбата на онлајн ќе се зголеми дупло и ќе се достигне најмалку до 4,48 трилиони долари до 2021 година, но само половина од корисниците кои купуваат на интернет знаат дека компаниите можат да ги продаваат нивните лични податоци, или тие да бидат изгубени или украдени.

Повеќе од половина милијарда дигитални лични податоци беа изгубени или украдени во 2015 година, но повеќе од 30 земји сè уште немаат закони против компјутерскиот криминал. Најголем број од податоците биле украдени од трети лица, со цел кражба на идентитетот на потрошувачот, а со тоа целосно располагање со неговите финансии и имот.

6% од изгубените/украдените податоци се податоци кои биле добиени при интернет трговија. Податоците до кои дојдовме не посочуваат кон ваков вид на пропуст во Р. Македонија.

Овој Светски ден за правата на потрошувачите, Светската организација на потрошувачите повикува на поправеден дигитален пазар и подобар дигитален свет за секого, а заштитата на потрошувачите е клучна ако сакаме подобар дигитален свет.

Подобриот дигитален свет можеме да го создадеме на само преку зголемување на сигурноста он-лајн, туку и преку зголемување на сигурноста на паметните уреди кои ги користиме во секојдневието. Особено кога се работи за паметни уреди за деца, како што беше паметната играчка „Кејла“ која ви беше претставена лани, а за која многу организации во светот предупредија за ниското ниво на безбедност кое го нуди. Во однос на тоа, и покрај забраната за продажба во одредени земји, не е реално да се очекува дека паметни играчки нема да постојат или дека ќе исчезнат, но тоа не значи дека борбата за поголема безбедност на децата треба да престане.

Можностите на модерната технологија континуирано се зголемуваат, па така и во овој случај, одредени компании видоа можност за користење на играчката како начин за поставување на реклами, па сега таа веќе нуди предлози за оброци.

Овие новости ја вознемирија Европската потрошувачка организација и многу здравствени организации кои реагираа на ваквиот начин на рекламирање на производи на деца, особено поради тоа што сите предлози за оброци кои ги нуди „Кејла“ се производи кои се богати со шеќер и сол, што доколку се консумира во поголеми количини, докажано лошо влијае врз здравјето и развојот на децата.

Нешто што дополнително предизвика внимание кај потрошувачките организации во светот, е појавата на паметни часовници наменети за деца. Замислете да имате уред со кој што ќе можете да знаете цело време каде е вашето дете, дали е во училиште или си игра во паркот, по кој пат се движи, кога стигнало на училиште а кога се враќа итн. Овие часовници имаат камера преку која можете да го видите вашето дете, микрофон преку кој можете да го чуете, и звучник преку кој можете да му зборувате.

Ова се звучи одлично, до моментот кога ќе дознаете дека поради ниската безбедност на овој уред, односно речиси непостоечкиот безбедносен систем за заштита од натрапници, истите овие работи може да си прави и било кој друг, т.е. да му зборува на вашето дете,  да го слуша, да го гледа, да прати каде се движи итн.

Како што одлично потенцираше претставникот на Норвешкиот совет на потрошувачи, овие кампањи не се со цел запирање на развојот на модерната технологија и неупотреба на инвентивните гаџети, туку за подигнување на свеста на потрошувачите дека безбедноста е на многу ниско ниво, и непознавањето на модерната технологија а нејзино користење, може да има катастрофални последици. Како што се подигнуваат стандардите за физичка и хемиска безбедност на детските играчки, на кои долги години се работи и за кои потрошувачите се сè повеќе информирани, мораме да работиме на подигнување на свеста на потрошувачите за дигиталната безбедност на производите. Од друга страна производителите на овие уреди мора да воведат високи стандарди за безбедност, за потрошувачот да знае дека ќе може тој и неговото дете да бидат безбедни, најмалку на исто ниво како што се безбедни кога користат не-паметни играчки. ОПМ ќе продолжи да ги следни случувањата во светот и да ги информира потрошувачите како да се заштитат и на што да внимаваат.

x

Може да ве интересира

Галерија: „Преземи акција! Вовед во механизмите за колективна заштита, за подобра заштита на правата на потрошувачите“

Настанот беше поддржан од проектот „Развој на колективната заштита на потрошувачите во ...