Home / Новости / Активности / Настани и промоции / Презентација на анализа на Законот за заштита на потрошувачите

Презентација на анализа на Законот за заштита на потрошувачите

Организацијата на потрошувачите на Македонија во соработка со Министерството за економија, со поддршка на Стопанската комора на Македонија одржа настан во просториите на комора на кој беше промовирана „Компаративна анализа за усогласеност на законот за заштита на потрошувачите со европското потрошувачко право“. Анализата беше изготвена во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите за 2017 година на Владат на Република Македонија која што ја спроведува ОПМ. Автори на анализата се проф. д-р Јадранка Дабовиќ – Анастасовска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ и м-р Маријана Лончар Велкова.

На настанот учество земаа претставници на надлежните државни органи, регулаторните тела, граѓански организации, бизнис секторот и други заинтересирани страни.

Авторите на анализата посочија дека има потреба од донесување на нов Закон за заштита на потрошувачите, поради тоа што сегашниот е веќе 7 пати менуван, и тој веќе е прилично комплексен за читање. Во новиот Закон би се дефинирале одредени делови кои се недоволно обработени во сегашниот закон, како што е на пример делот за распродажба, акциска продажба, попусти и сл. Исто така ќе се разгледа потребата од одредбите кои се однесуваат на безбедноста на производите, за кои повеќето сметаат дека најдобро би било да се избришат од овој закон и да се префрлат во законот за безбедноста на производите. Новиот закон би ги дефинирал и картичките за лојалните потрошувачи кои сè повеќе ги издаваат трговците, а кои во моментот се речиси целосно неуредени во законот.

За време на настанот бизнис секторот ги искажа своите ставови и постави прашања за членови од сегашниот Закон за заштита на потрошувачите за кои тие сметаат дека се спорни односно има потреба од промени. Во најголем дел трговците велат дека имаат проблеми со членовите кои се однесуваат на гаранцијата односно отстранувањето на недостаток кој се појавил на технички производ во гарантен рок.

Во претстојниот рок ќе се одржи нова средба на која подетално ќе се разгледа анализата, и ќе се дадат конкретни предлози промена или бришење на членови од Законот.