почетна / Новости / Активности / Интервјуа во медиуми / Дневник: Стоп за ХХL-пакувањата кои се полни со воздух и ги мамат купувачите

Дневник: Стоп за ХХL-пакувањата кои се полни со воздух и ги мамат купувачите

По намалената тежина во иста амбалажа, трговците посегнаа по нов трик за измама на потрошувачите кога во екстремно големи пакувања за иста цена пакуваат воздух. Ако прошетаме по маркетите, речиси и да нема производ кој е спакуван во кеса или кутија со примеси на воздух. Атрактивни бои на амбалажата покрај ХХL-ознака и задолжителен натпис дека е на акција се новите трговски трикови. Иако правилниците за декларирање на производите во речиси 90 отсто случаи се почитувани и на амбалажата стои количината што е спакувана, сепак станува збор за измама бидејќи големите пакувања асоцираат и на голема количина на производот. Во Европската Унија наголемо се дискутира за новите трговски трикови кои како магнет ги привлекуваат купувачите и се најавува истражување кое треба да го спречи тоа.

Празна една третина од пакувањето

Хрватската европратеничка Билјана Борзан, која побара ист квалитет на производите за источниот и западниот пазар и веќе го започна истражувањето што ќе докаже дека квалитетот не е ист, се огласи и за пакувањето. Вели дека трговците практично за наши пари ни продаваат воздух.

– До кога трговците и производителите ќе ни продаваат воздух – ги праша таа неодамна европратениците. Ве потсетувам дека уште пред пет години донесовте одредба за пакувањата што ги лажат потрошувачите. Тогаш им се заканивте на производителите и на трговците, им порачавте дека тоа треба да престане, но с` остана на тоа. Воздух наместо храна с` уште има во голем дел од производите – истакнала Борзан.

Во Организацијата на потрошувачите велат дека и ние имаме закон што го регулира овој дел.

– Според нашето законодавство, пакувањето треба да одговара на производот. Но, сите сме сведоци дека најчесто 30 отсто од него е празно. Ова е визуелна измама на потрошувачите, која практично е неказнива. На декларациите си стои која количина е спакувана. Тоа што ние мислиме дека сме купиле повеќе според пакувањето е посебно прашање – вели Маријана Лончар, претседател на ОПМ. Според неа, проблемот не е само наш, туку европски и светски.

– Постојано се дискутира дека се пакува и продава воздух, но проблемот не се решава. Не се виновни само домашните производители и трговци. Таква стока на рафтовите има и од увоз, а проблемот и таму не е решен – вели Лончар.

Во Србија празна и половина кеса

Горан Паповиќ, претседател на Националната организација на потрошувачите на Србија, вели дека и кај нив се празни и половина кутии со одредени производи.

– Слабата куповна моќ и просечната заработувачка од 370 евра нашите купувачи ги направи да се раководат само по цента. Во последно време и амбалажата е пресудна. Ако е поголема, автоматски се посегнува по неа бидејќи се мисли дека за иста цена се добива поголема количина од производот. Но, тоа не е така – вели Паповиќ. Според него, иако имаат одговорност, и трговците и производителите ги користат сите трикови.

– Децата се најчести жртви на пазарењето. За нив поголемо значи и повеќе. Затоа треба да се едуцираат и да читаат амбалажи бидејќи тие се идни големи консументи – вели Паповиќ.

Потрошувачките здруженија во регионот отидоа чекор понатаму, па веќе објавија и списоци со производи кои може да ги доведат купувачите во заблуда, односно чии пакувања, кеси и кутии драстично се поголеми од содржините во нив. На овој начин практично ги предупредија купувачите посебно да обрнат внимание кога купуваат житни производи, чипс, ориз, бонбониери, кекс, таблети за машинско перење садови, но и детергент за облека и храна за мачки.

Валентина Ангеловска – Дневник

x

Може да ве интересира

Алсат: Проблеми во производството на органска храна

Државата и министерството за земјоделство да обезбедат семенски материјали за производство на ...