Home / Новости / Активности / Настани и промоции / Истражување на етикетите на определени прехранбени производи

Истражување на етикетите на определени прехранбени производи

На 02.11.2017 година во Стопанската комора на Македонија, се одржа презентација на Истражувањето на етикетите на определени прехранбени производи. Настанот го организираше Организацијата на потрошувачите на Македонија, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија и со Здружението на трговијата при Стопанската комора на Македонија. Предмет на истражување беа етикетите на определени прехранбени производи во однос на информации поврзани со храната, значајни како за потрошувачите, така и за компаниите – производители и дистрибутери на храна, од аспект на тоа дали се почитуваат задолжителните информации кои треба да ги содржат етикетите на прехранбените производи согласно Правилникот за информации поврзани со храната (Службен весник на РМ бр. 150/2015) и Регулативата на ЕУ од оваа област. Ова истражување беше спроведено како активност во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите на Македонија, каде што носител е Агенцијата за храна и ветеринарство на РМ. На настанот присуствуваа повеќе од 40 учесници, најмногу од операторите со храна, и индустриите кои работат во овој домен, но и од инспекциските органи кои вршат надзор во овој домен.
На настанот беше претставена методологијата за изработка, структурата и содржината на истражувањето и се даде осврт врз заклучоците и препораките поврзани со истражувањето.
Пред многубројните претставници на компаниите од прехранбената индустрија и големите маркети, на презентацијата беше претставено на истражувањето на етикетите на определени прехранбени производи во однос на информации поврзани со храната, значајни за потрошувачите, а беше даден и осврт врз заклучоците и препораките поврзани со Истражувањето.

Проф. д-р Лидија Петрушевска – Този, претседател на работната група за храна при Организација на потрошувачите на Македонија, посочи дека предмет на истражувањето биле 120 примероци на прехранбени производи и тоа: житарки и производи, преработки од овошје и зеленчук, млеко и млечни преработки, месо и преработки, напитоци, зачини, сол и масло, кои се земени како примероци од трговската мрежа во Скопје, пред се од големите маркети, имајќи го предвид фактот дека во нив е најголема фреквенцијата на купувачи.
Г-ѓа Маријана Велкова Лончар, претседател на Организацијата на потрошувачи на Македонија, укажа на потребата од натамошна соработка со бизнис заедницата, со цел да им се овозможи на потрошувачите да добијат клучни информации за природата и карактеристиките на храната што ќе им помогне во вистинскиот избор на храната која ја купуваат, при што најважното правило е дека означувањето, презентирањето и рекламирањето на храната не смее да го доведе во заблуда потрошувачот.

М-р Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Комората, посочи дека од особена важност е следењето и информирањето на потрошувачите, но и на компаниите од областа на производството и трговијата со храна, за сите активности кои се поврзани со почитување на домашната и европската регулатива и стандарди, бидејќи преку вакви и слични настани за подигнување на јавната свест, водичи и соработка со бизнис-заедницата, уште повеќе се придонесува на подобрување на состојбите на овој план.

Д-р Ката Стојановска од Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така, изрази задоволство поради големата заложба на производителите и трговците на храна за имплементација на оваа регулатива, поради што голем процент од производите денес ги исполнуваат сите потребни услови и стандарди согласно регулативите, што се потврдува и од презентираното истражување, а воочените отстапувања поврзани со нутритивни податоци, заблуда, отсуство на македонски превод и слично се помал процент, кој сите засегнати страни треба да се насочат уште повеќе да се намалува.

Генерална констатација која произлезе од истражувањето е дека етикетите на прехранбените производи главно ги задоволуваат неопходните информации што треба да бидат содржано согласно важечката регулатива, но во интерес на потрошувачите, а и компаниите-производители и трговци со храна, можни се определени подобрувања во делот на информациите за хранливата вредност на производите, поголема читливост на декларацијата, јасни и целосни информации кои ќе исклучуваат било каква заблуда на купувачите, и дополнителни информации за состојките кои предизвикуваат алергии или нетолерантност.