почетна / Новости / Активности / Македонската банкарска асоцијација и Организацијата на потрошувачи на Македонија потпишаа Меморандум за соработка

Македонската банкарска асоцијација и Организацијата на потрошувачи на Македонија потпишаа Меморандум за соработка

Денес, во просториите на Македонската банкарска асоцијација, д-р Маја Стевкова-Штериева, претседател на Македонската банкарска асоцијација (МБА) и д-р Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) потпишаа Меморандум за соработка.

Целта на овој Меморандум е развој и унапредување на финансиската писменост, како и финансиските услуги кои ги нудат банките и штедилниците во полза на потрошувачите – физички лица кои се јавуваат како корисници на таквите услуги,  како и подобра  соработка на  вклучените страни во рамки на наведените активности.

Соработката ќе се реализира преку заеднички активности за организирање настани од едукативен карактер, реализација на подобра информираност на потрошувачите преку заедничка изработка на информативни материјали, унапредување на законските и подзаконските акти, понатамошно подигнување на општествената одговорност на членките на МБА и запознавање на потрошувачите, промовирање на принципи на одговорно банкарство и други активности.

Предмет на соработка претставува и поттикнување на фер однос кон потрошувачите од страна на членките на МБА, што подразбира давање веродостојни и навремени информации за финансиските производи и услуги кои треба да бидат транспарентно објавени и искомуницирани,  а воедно и едукација на потрошувачите да доставуваат вистинити и целосни податоци значајни за пружањето на финансиските услуги.

Потпишувањето на овој Меморандум, на долгорочен план, ќе доведе до поголема доверба и зајакнување на  соработката помеѓу членките на Македонската банкарска асоцијација и нивните клиенти претставени преку Организацијата на потрошувачите на Македонија.

x

Може да ве интересира

Потрошувач на финансиски услуги