На ден 01.11.2018 година, Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) и Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје организираа обука за наставници од средните училишта за теми од областа на потрошувачките права, со цел истите да се интегрираат во наставата во средните училишта, а активноста да се спроведе со поддршка на Бирото за развој на образованието (БРО) и Град Скопје.
На обуката учествуваа преку 50 наставници од средните и основните училишта во Градот Скопје, претставници на Советот за заштита на потрошувачите, Градот Скопје, Бирото за развој на образованието, Државниот пазарен инспекторат, Стопанска Комора на Македонија, како и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Во своето поздравно обраќање претседателот на Советот за заштита на потрошувачите и советник во Градот Скопје, г. Бојан Ивановиќ ги истакна целите на Програмата за заштита на потрошувачите на Град Скопје, а претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија Маријана Лончар Велкова ја истакна потребата во средните училишта да се применуваат теми од областа на заштита на потрошувачите, а учениците да се запознаат со своите потрошувачки права.
Г-ѓа Софка Коцева, советник во Бирото за развој на образованието, ги истакна придобивките и позитивните искуства од примената на Прирачникот за правата на потрошувачите изработен од страна на Организацијата на потрошувачите на Македонија и Бирото за развој на образованието на Република Македонија којшто се применува во наставниот предмет „Вештини за живеење“. Овој Прирачник, на наставниците им нуди, информации и практични идеи за примена на содржини и теми со кои ќе може да им ја приближат проблематиката на учениците така и во средното образование овие теми треба да бидат обработувани со цел учениците ќе ги зголемат своите знаења и вештини во практикувањето и остварувањето на своите права како потрошувачи и корисници на услуги, а воедно ќе стекнат способности со кои ќе можат да донесуваат правилни потрошувачки одлуки и да одговорат на предизвиците на современото живеење.
Во рамките на позитивните искуства беа преставени проекти за примена на теми од областа на потрошувачките права во наставата од претставници на училиштата ООУ „Љубен Лапе“ Скопје и ОУ „Партија Зографски“ Скопје.
Со цел да се поттикнат наставниците од средните училишта да применуваат едукација на темите им беа преставени публикациите на ОПМ, како и презентации на темите: „ПРАВНА И ИНСТИТУЦИОНАЛНА РАМКА ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ“, „ПРАВА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ПРИ ОРГАНИЗИРАНИ ТУРИСТИЧКИ АРАНЖМАНИ“, „ДИГИТАЛЕН ПАЗАР И ОНЛАЈН КУПУВАЊЕ”.
Особен интерес присутните покажаа за теми од областа на храната и исхраната за што беа информирани од г-ѓа Ката Стојановска, раководител на одделение за заштита на потрошувачите во Агенцијата за храна и ветеринарство, преку презентација на голем број изработени публикации и тематски содржини кои можат да ги користат.
На крајот следуваше заклучок дека има голем интерес од средните училишта за интегрирање на теми од областа на потрошувачките права во наставата, како и тоа дека Градот Скопје и Бирото за развој на образованието даваат целосна поддршка на заложбата на ОПМ за оваа цел.