Во последниот период се забележува значително зголемен број на јавувања на потрошувачи за проблеми при склучување на договори за купопродажба на стоки и услуги при презентации во ресторани. Најчесто се работи за производи со лековити својства, а лицата кои се мета на овие продавачи се воглавном стари лица или пензионери.
ОПМ разговараше со потрошувачи кои ги доставија договорите до нас, и во голем број можевме да видиме дека постои недостаток на важни информации кои согласно Законот за заштита на потрошувачите трговецот мора да му ги достави на потрошувачот.
Имено, трговецот е должен да го информира потрошувачот дека има право во рок од 14 (календарски) дена да го раскине договорот, без притоа да биде приморан да плаќа било какви казнени пенали или додатни трошоци (освен за враќање на производот, доколку истиот веќе го примил).
Трговецот е должен да го информира потрошувачот дека постои образец на барање за повлекување од договор вон деловни простории, или истиот да му го достави како прилог на договорот. Доколку тој не му го достави образецот, или не го информира за образецот, потрошувачот има право во рок од 14 дена од денот кога ги добил овие информации за постоењето на образец, но не подолго од 12 месеци од истекот на првиот рок за повлекување од договорот да го раскине договорот.
Изоставување на обврската за информирање во однос на правото за повлекување
Член 90
(1) Доколку во случај на непочитување на одредбата на членот 86 став (1) точка ж) од овој закон, трговецот не му ги обезбедува на потрошувачот информациите во однос на правото на повлекување, рокот за повлекување истекува 12 месеци по завршувањето на почетниот рок за повлекување, како што е утврдено во согласност со членот 89 став (1) од овој закон.
(2) Доколку трговецот му ги обезбедува на потрошувачот информациите како што е наведено во ставот (1) на овој член во рок од 12 месеци од датумот наведен во член 89 став (1) од овој закон, рокот за повлекување истекува 14 дена по денот на кој потрошувачот ги добива информациите.
ОПМ изработи електронска верзија на образецот која можете да ја преземете од следниот линк. Образецот се доставува лично кај трговецот (архива) или по препорачана пошта.
Често во разговор со потрошувачите тие нè информираа дека „биле приморани“ или чувствувале притисок да го потпишат договорот. Во однос на ова би сакале да потенцираме дека потрошувачот со прифаќање за присуство на презентацијата не се обврзува дека мора да потпише договор, или да купи нешто. Потрошувачот може во секој момент да ја напушти презентацијата и не е обврзан на ништо што не е по негова слободна волја.
ОПМ во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите на Владата на РМ, во соработка со Министерството за економија изработи брошура во која е опфатен целосно доменот на продажба вон деловни простории на трговецот. Брошурата на македонски и албански јазик можете да ја прочитате со кликнување на овој линк.
Доколку наидете на проблем при остварување на своите права при купување вон деловни простории на трговецот, можете да се советувате во советодавното биро на ОПМ, или да се обратите до Државниот пазарен инспекторат како надлежен орган во случајот.