Home / НПП / Најчесто поставувани прашања

Најчесто поставувани прашања

Кој документи се валидни за да се оствари некое потрошувачко право?

Единствено со фискална сметка или сметка парагон на која стои називот на фирмата, името на производот, датум на купопродажбата, цена на производот и тоа да е потврдено со печат и потпис од овластено лице, може да се остварат потрошувачките права.

Гаранција и сервисирање

Колку пати може еден ист производ да биде сервисиран во гарантен рок?

Еден ист производ може да биде сервисиран најмногу 3 пати. Доколку производот појави недостаток по третото сервисирање, потрошувачот има право да побара замена на производот со нов или поврат на средствата кои ги платил.

Колку може да трае едно сервисирање?

Едно сервисирање на производ во гарантен рок може да трае најдолго 30 дена. Доколку трговецот не го извести потрошувачот до 30-тиот ден дека производот е поправен и може да го земе, потрошувачот веќе следниот ден има право да побара замена на производот со нов или поврат на средствата кои ги платил, и нема обврска повеќе да го подигне производот кој е поправен по истекот на рокот за сервисирање.

Колкав и минималниот гарантен рок за производ кој треба да го издаде трговецот?

Секој производ (освен исклучоци одредени со Закон) има гаранција од минимум 6 месеци со самата фискална сметка, а тој рок може да се продолжи со гарантен лист. Сите штети кои ќе настанат во тој период се подложни на бесплатно сервисирање, а доколку тоа не е возможно потрошувачот има право да побара од трговецот нов производ или поврат на средствата по сопствен избор.

Дали трговецот може да изземе делови од производот во гарантниот лист?

Да, трговецот има право одредени делови на производот да бидат со помала гаранција од гаранцијата на вкупниот производ, но не помалку од 6 месеци (освен со случаи утврдени со закон). Изземените делови од производот треба на јасен и видлив начин да бидат одбележани во гарантниот лист.

Во кои случаи се прекинува гаранцијата?

Гаранацијата се прекинува кога е направена механичка повреда врз производот, и останати случаи наведени во гарантниот лист.

Замена на производ за друг или поврат на средства

Во кој рок може купен производ или услуга да се врати и под кои услови?

Секој производ (освен исклучоци одредени со Закон) може да биде вратен во рок од 15 (календарски) дена од денот на купување доколку истиот не е користен, по лични причини на потрошувачот (не му одговара бојата, изгледот, бројот/ големината и т.н.) со прикажување на фискална сметка или сметка парагон (на која стои називот на фирмата, името на производот, датум на купопродажбата, цена на производот и тоа да е потврдено со печат и потпис од овластено лице), и целосната амбалажа (пакување) со кое е купен производот.  При враќање на производот потрошувачот може да одбере дали да му биде заменет производот со друг или да му бидат вратени парите.

Во кој рок може да се врати купен производ или услуга, доколку е купен преку интернет?

Кога се работи за договори склучени на далечина (интернет купување), од лични причини потрошувачот има право во рок од 14 календарски денови, производот или услугата да ги врати кај трговецот. Трошоците за враќање на производот ги сноси потрошувачот.

Во кој рок може да се врати купен производ или услуга, доколку е купен на презентација, вон деловните простории на трговецот?

Кога се работи за договори склучени надвор од просториите на трговецот, од лични причини имате право, согласно Законот за заштита на потрошувачите, во рок од 14 (календарски) денови да го раскинете договор со поднесување на барање за повлекување од договорот склучен надвор од просториите на трговецот.

Кои производи не можат да се вратат?

Производите кои биле изработени по нарачка, производи купени на аукција, производи кои по купувањето можат да ја изгубат својата вредност (пр. антиквитети), услуги кои повеќе не можат да се извршат (пр. концерт), производи кои по купувањето повеќе трговецот не може да гарантира за нивната хемиска и физичка безбедност поради тоа што се потребни специјални услови за нивно чување и употреба (пр. лекови, гориво, храна), и останати производи и услуги утврдени со закон.

Туристички патувања

Во кој рок треба да се поднесе приговор за туристичко патување?

Кога како потрошувач ќе се соочите со проблем при туристичко патување, потребно е првин да доставите приговор до туристичката агенција со која имате договор, во рок од 8 (календарски) дена од денот кога се имате вратено од патувањето. Во приговорот потребно е да ги наведете сите делови од договор односно понудата кои не се исполнети а кои се платени, и да барате сразмерно да ви биде вратен тој износ од средствата.

Порачување и испорака на производ/услуга

Во кој рок треба да биде испорачан претходно нарачан производ?

Производ или услуга може да биде испорачан максимум 30 дена од денот кога е порачан, освен доколку со договор двете страни не се согласиле на подолг временски период. Доколку не е изречно наведено во договор дека има подолг временски период за испорака, после 30-тиот ден се пресметува камата (начинот на пресметка е наведен во Законот за заштита на потрошувачите) на средствата кои се дадени, а потрошувачот има право да бара поврат на средствата со камата и откажување на испораката на производот или услугата.

Телекомуникациски услуги

Каква е процедурата за жалба за висока сметка, трошоци кои сметам дека не сум ги направил и сл.?

Најпрвин потребно е да се поднесе писмен приговор до операторот, кој има рок од 15 (календарски) дена да ви одговори на приговорот. Доколку одговорот е негативен, не се согласувате со истиот или не добиете одговор, имате право да поднесете пријава до Агенцијата за електронски комуникации како надлежен орган.

Доколку ми пристигнат трошоци за интернет, роаминг, апликации и сл. кои не сум ги користел, дали сметката морам да ја платам?

Доколку вашиот број има одобрување за користење на роаминг и интернет, тогаш секогаш постои можност тој да се приклучи на друга (странска) мрежа или да се поврзе со интернет (особено е чест случајот со паметните телефони). Доколку не ги користите овие услуги, побарајте од операторот да ги исклучи за вашиот број, со што ќе бидете сигурни дека трошоци за овие дополнителни услуги нема да добиете.

Трошоците кои произлегуваат од користењето на сите апликации, квизови и наградни игри за кои вие први имате преземено активност за нивно активирање/користење ги сносите вие. Трошоците кои произлегуваат без притоа вие да преземете никаква активност односно барање за користење на тие апликации, можете да барате да бидат отстранети од сметката.

Дали доколку моето дете игра на телефонот и случајно притисне на апликации кои предизвикуваат дополнителни трошоци, можам да барам намалување на сметката?

Поради тоа што телефонскиот број се води на име на родителот, односно на полнолетното лице, негова одговорст е кој ракува со телефонот и како се ракува со телефонот. И покрај тоа што корисникот сам не побарал овие апликации да бидат користени, тој ги сноси трошоците, поради тоа што е одговорен за тоа како се ракува со неговиот телефон.

Неколку дена не ја добив услугата во целост или воопшто не ја добив услугата. Што можам да барам?

Во вакви случаи можете да барате сразмерно намалување на сметката за онолку пронценти колку што услугата не била испорачана.

Застареност на долгови

За колку време застарува долгот кој го имам кон одредено претпријатие како корисник на нивните услуги?

Долговите за повеќето јавни и комунални услуги застаруваат во рок од 1 година од моментот кога е испорачана сметката за услугата. Тоа значи дека доверителот има право во овој временски период започне постапка за присилна наплата на долгот.

Дали доверителот може да започне постапка доколку долгот е застарен?

Поради тоа што судот (или друг надлежен орган) не внимава по службена должност дали долгот е застарен. Поради ова, доколку должникот е информиран дека од него се побарува долг за кој тој гледа дека е застарен, тој има право да поднесе приговор за застареност. Доколку не поднесе приговор за застареност, судот ќе донесе одлука, со која ќе го прифати тужбеното барање на доверителот за намирување на неговото побарување по судски пат.

Кои долгови застаруваат за 1 година?

  • побарувањето на надомест за испорачана електрична и топлотна енергија, гас, вода, за оџачарски услуги и за одржување на чистота, кога испораката, односно услугата е извршена за потребите на домаќинството;
  • побарувањето на радиостаница и радио-телевизиска станица за употреба на радио-приемник и телевизиски приемник;
  • побарувањето на пошта, телеграф и телефон за употреба на телефон и на поштенски преградоци, како и другите нивни побарувања што се наплатуваат во тримесечни или во пократки рокови и
  • побарувањето на претплата на повремена публикација, сметајќи од истекот за времето за кое е нарачана публикацијата.

Што значи апсолутна застареност?

Апсолутна застареност настапува по 10 години од моментот кога должникот е инфомриран дека постои долг кон доверителот. Сите побарувања што се утврдени со правосилна судска одлука или со одлука на друг надлежен орган, или со порамнување пред суд или пред друг надлежен орган, застаруваат за десет години, па и оние за кои законот инаку предвидува пократок рок за застареност. Ова се однесува за побарувања што се правосилно утврдени, па поради тоа, со ништо не може да бидат оспорувани.