Home / Новости / Активности / Интервјуа во медиуми / Дневник: Европејците се жалат на неквалитетна облека, Македонците на мобилни и бела техника

Дневник: Европејците се жалат на неквалитетна облека, Македонците на мобилни и бела техника

Неквалитетната облека третирана со опасни материи од кои дел и животозагрозувачки се најде на прво место на европската листа на поплаки од граѓаните во Системот за размена на информации за опасни стоки во ЕУ. На второ место се опасните играчки, а потоа следуваат поплаки за автомобили и слично. Kако држава со најмногу поплаки е Бугарија, од каде што стасале над 150 известувања од вкупно 2.044. Од вкупниот број поплаки најосновани биле за детските производи и тоа 26 отсто од нив. За разлика од ЕУ, кај нас до Организацијата на потрошувачи најмногу поплаки лани биле поднесени за често расипување на мобилните телефони и останата компјутерска техника, за мобилните оператори, понуди на туристички агенции, како и за купување дрва за огрев.

Демнат опасности

Според извештајот на Европската комисија, облеката покрај храна крие најмногу ризици за здравјето на потрошувачите. Од страна на Европејците лани над 2.044 пати светнало црвеното светло со предупредување за опасни стоки, од кои 1.691 се за производи што кријат сериозен ризик за корисниците. Бугарија е лидер и од нејзина страна се поднесени најмногу известувања за облека.

Податоците покажуваат дека во минатата година Бугарите поднеле вкупно 150 предупредувања. Од нив 39 се поврзани со облека и текстил, а 10 за опасни детски производи. Според нивните извештаи, Бугарија е меѓу најпогодените во ЕУ поради фалсификатите. Статистиката во последниве години покажува дека за играчките има најмногу пријави за опасности. Бројот на предупредувањата останува без сериозни измени од 2014 година, иако сите се надеваа дека ќе има намалување.

– Детските производи всушност се и едни од тие кои најмногу се проверуваат. Но, и покрај тоа, сепак демнат опасности. Лани во однос на 2015 година има значителен пораст на опасни производи поврзани со моторните возила. Во однос на ризикот најчесто станува збор за веројатност од повреда, кај 25 отсто од случаите или хемиско труење кај 23 проценти – стои во извештајот.

Во однос по земји на потекло на опасните супстанции и натаму на прво место се производите што доаѓаат од Kина и тоа цели 53 отсто.

Мобилните најголем проблем

За разлика од ЕУ, лани кај нас вкупно 665 граѓани се јавиле во Организацијата на потрошувачите (ОПМ) со поплаки, жалби или со барања за совет. Пријавите биле за разни проблеми со неквалитетни производи или услуги.

– Повеќето поплаки на граѓаните се поврзани со проблеми со мобилните телефони, мали кујнски апарати, изработката на мебел и покуќнина, како и туристичките патувања. Поплаките повторно се однесуваат на проблеми во остварување на правата од гаранцијата и гарантниот лист на техничките производи – велат во ОПМ.

Поплаките, како што објаснуваат од Организацијата, се однесуваат на тоа што во случај кога производот има недостиг во првите 24 часа, тие се принудени да го пратат на сервисирање поради тоа што трговците одбиваат да им издадат нов. С` почесто се случува потрошувачите да добијат одговор од сервисот дека производот им е механички оштетен и да им биде прекината гаранцијата и покрај тоа што во повеќето случаи потрошувачите тврдат дека нема никакво механичко оштетување на производот.

Граѓаните, исто така, се жалеле и на проблеми при сервисирање мали кујнски производи кои, според нив, го имаат најкусиот законски рок од 6 месеци и се расипуваат уште во првите два месеца, по што следат континуирани сервисирања кои речиси секогаш траат по 30 дена. Голем број поплаки од потрошувачите се пристигнати и за изработка на мебел и покуќнина, а кои се однесуваат на пречекорување на договореното време за изработка и достава на мебелот, како и неквалитетна изработка на мебелот, скриени недостатоци кои не може да се откријат на прв поглед.

Имало и поплаки на проблеми со обувки и облека, односно неквалитетни производи што ги купуваат и се оштетуваат по неколкудневно носење.

Валентина Ангеловска – Дневник