Многу македонски граѓани не знаат што треба да направат доколку купат нешто преку интернет, ги уплатат парите, а производот не им стигне. Претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија, Маријана Лончар-Велкова, појаснува како потрошувачите да си ги заштитат своите дигитални права и кои се најчестите измами при онлајн-купување.
Македонските потрошувачи не се многу запознаени со нивните права. Некогаш се работи за очигледна измама, но понекогаш трговците користат разни трикови, па потрошувачот не е ни свесен дека е жртва на измама. Во последно време сè пораспространето станува онлајн-купувањето, а со тоа и кршењето на дигиталните права на потрошувачите.
Многу македонски граѓани не знаат што треба да направат доколку купат нешто преку интернет, ги уплатат парите, а производот не им стигне.
Во такви случаи, најдобро е да се обратат до Организацијата на потрошувачите во Македонија која Светскиот ден на потрошувачите, 15 Март, го одбележа токму под мотото „Градење дигитален свет на кој потрошувачите можат да му веруваат“.
На оваа тема поразговаравме со претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, која вели дека дигиталниот пазар станува сè поголем и дека денес сè што може да се купи на конвенционалниот пазар може да се купи и онлајн, од дома, преку компјутер.
Таа во разговорот ни појасни како потрошувачот да се заштити во тој дигитален, виртуелен пазар. Лончар-Велкова вели дека секој трговец во Македонија што врши онлајн-продажба, на веб-страницата мора да има посебен образец со кој купувачот може да се откаже од производот во период од 14 календарски дена, а надоместокот што го платил да му биде вратен. За жал, вели таа, трговците не ја почитуваат оваа обврска.
– Сè повеќе се разговара за овој сегмент, за дигиталните права и за купувањето онлајн. Сè што може да се купи на конвенционалниот пазар се купува и онлајн. Министерството за економија донесе посебен образец кој мора да го има секој што продава онлајн. Со тој образец купувачот може да се откаже од производот во период од 14 календарски дена. Она што е битно е тоа што продавачите кои легално продаваат онлајн на пазарот сè уште ја немаат испочитувано оваа обврска – вели Лончар-Велкова.
Освен тоа, трговците што вршат презентации и продажба на своите производи на организирани ручеци или вечери во ресторани и хотели, често пати, во договорите што ги склучуваат надвор од деловни простории, имаат нечесни клаузули во кои се наведува дека купувачот може да се откаже од нарачката во рок од три дена, иако законскиот рок е 14 дена, а тие го знаат тоа.
– Рокот од 14 дена за откажување од нарачката важи и за продажба надвор од деловни простории. Постојат трговци кои ги канат потрошувачите во некој хотел кај што ќе им се даде ручек или подарок. Вообичаено канат една таргетна група, повозрасни и постари лица, кои ќе бидат на некој начин условно речено принудени да склучат договор. Никој не може да ве принуди, но тоа е маркетиншки трик што го користат трговците и со нечесни клаузули во договорите во кои наместо рок од 14, пишуваат 3 дена. Ние се обидуваме на граѓаните да им кажеме дека ако на тој начин склучат договор, треба да знаат дека имаат рок од 14 дена да се откажат од него и ако уплатиле пари, тие да им бидат вратени и да го вратат купениот производ – појаснува Лончар-Велкова.
Со поплаки во ОПМ често доаѓаат постари лица кои биле измамени на овој начин.
– Вообичаено тие не ги ни зеле производите дома, туку потпишале само дека треба да платат дел од сумата. Кај некои присилбата да се плати е многу агресивна, им се јавуваат на луѓето и ги плашат дека мора да платат – вели претседателката на ОПМ.
Лончар-Велкова рече дека Законот за потрошувачи од 2005 година досега е менуван седум пати.
Сепак, заклучокот е дека потрошувачот се наоѓа во еден лавиринт на институции кога станува збор за неговите права и ретко кој во него го наоѓа вистинскиот пат.
– Потрошувачите се наоѓаат во лавиринт на институции, не знаат каде да одат и се јавуваат кај нас да ги упатиме до надлежните институции. На потрошувачот му е овозможено да влезе и во судска постапка, а сега работиме и на можноста за колективна тужба. Нашиот систем е многу тежок за колективна тужба. Кај нас е секој за себе. Колективната тужба всушност значи ако се работи за многу луѓе оштетени, организацијата да може да поднесе барање да се изрече управна мерка или судска забрана преку институциите – вели Лончар-Велкова.
Инаку, во македонското законодавство не постои можност за колективна тужба од страна на поголем број потрошувачи. Тоа значи дека секој граѓанин на кој му е нанесена штета мора индивидуално да поведува судска постапка и да бара надомест на штета. Со колективната тужба, пак, организацијата би застанала зад групата граѓани кои се оштетени од една иста фирма или претпријатие.
Засега, ОПМ може да побара забрана за емитување реклама на која има недоволно или погрешни информации со кои ги доведува потрошувачите во заблуда или, пак, да побара од пазарот да се повлечат небезбедни производи.