На 20.09.2017 Организацијата на потрошувачите на Македонија во соработка со Советот за заштита на потрошувачите на Град Скопје, со поддршка на Биро за развој на образованието во Р. Македонија, во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите на Град Скопје за 2017 година, организираше настан на кој беа поканети наставници од сите средни училишта во Град Скопје. Настанот беше одржан со цел да се пренесе досегашното искуство со воведувањето на темите од потрошувачкото право во основното образование преку Прирачникот за правата на потрошувачите наменет за употреба во предметот Вештини за живеење, и воведувањето на темите од потрошувачкото право во високото образование во додипломските студии во предметот Облигационо право, како и во постдипломските студии каде што е воведен како предмет „Потрошувачко право“.
Наставниците беа запознаени со материјата преку презентација на правниот советник во ОПМ, Иво Костовски кој ја објасни функцијата на ОПМ во системот за заштита на правата на потрошувачите и начини на комуникација со оваа организација. Тој презентираше статистички податоци од жалбите на потрошувачите во првата половина на 2017-та година, а потоа ја презентираше веб-страницата на ОПМ каде што континуирано се објавуваат информации за потрошувачите, во форма на известувања, интервјуа во медиуми, информативни материјали итн.
Потоа претседателката на ОПМ Маријана Лончар Велкова го разработи накусо подрачјата кои ги опфаќа потрошувачкото право и се осврна на темите во прирачникот кој веќе 2 години активно се употребува во основното образование. Таа им предложи на наставниците да го погледнат прирачникот и да се обидат да вметнат некои од вежбите во своите предавања во текот на годината, за средношколците да можат да се запознаат со оваа тематика. Во своето обраќање таа ги посочи институциите кои ги штитат правата на потрошувачите и со кои ОПМ континуирано соработува.
Професорката по Облигационо право на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, им го презентираше силабусот кој се користи на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, и начинот на кој се изучува оваа проблематика. Таа ги презентираше активностите на Правната клиника при правниот факултет која е сочинета од студенти кои се во финалниот стадиум од своите студии кои вршат бесплатно советување на ранливи групи на граѓани за повеќе правни теми меѓу кои и потрошувачките спорови. Професорката предложи организирање на средба помеѓу студентите од правната клиника и средношколците, особено оние од стручните училишта кои учат право за подобро запознавање на материјата и практична настава.
Советничката од Бирото за развој на образованието Софка Коцева го објасни процесот на подготовка на прирачникот и начините на кои тој би можел да се употреби во средното образование, за што е потребно желба и подготвеност за соработка и од страна на наставниците. Таа посочи дека во средното образование поради постоењето на слободни часови во наставата постојат поголем број на можности за воведување на оваа материја, и предложи користење на прирачникот иако е наменет за основното образование.
Средбата заврши со тоа што присутните изразија желба за понатамошна соработка, подобрена комуникација помеѓу присутните, надлежните органи и ОПМ што би резултирало со поголем број на средби со наставниците но и учениците од средните училишта и би резултирало со подготовка на прирачник за правата на потрошувачите наменет за средното образование.