Македонските граѓани да внимаваат на кои странски интернет-страници резервираат хотели, летувања и други туристички аранжмани, бидејќи повеќето од нив ги лажат потрошувачите и даваат погрешни информации за цените. Со вакво предупредување излезе и Организацијата на потрошувачи на Македонија откако претходно Европската организација за заштита на потрошувачите по анализата на овие страници утврди дека дури 235 се проблематични. Европската организација предупреди дека најголем дел од страниците кои даваат информации за летувања, хотели и други аранжмани ги мамат туристите и им даваат погрешни информации за цените. Kако што тврдат, цените кои ги објавуваат на страниците се пониски од оние што на крај туристите мора да ги платат, а во некои случаи понудите се толку нереални што кога ќе кликнете да ги купите се недостапни. Станува збор за страниците кои веројатно ги користат и македонските граѓани кога трагаат по аранжмани во странство во сопствена режија.
– Овие страници ги доведуваат во заблуда потрошувачите – изјави Вера Јоурова од Европската комисија и потсети дека компаниите во чија сопственост се страниците, се должни да ги почитуваат правата на потрошувачите.
Анализата на Европската организација за заштита на потрошувачите покажала дека се проблематични дури 235 страници од кои е побарано да ги коригираат проблемите. Ако тие не се усогласат, националните власти можат да пристапат кон судските процедури.
Kонстатирано е дека во една третина од случаите првата прикажана цена не е иста како крајната цена за плаќање. Во една петтина од случаите промотивните понуди во реалноста не се достапни, а во речиси една третина од случаите не е јасно како се пресметува вкупната цена. Утврдено било и дека во над една петтина од проверените страници повратните информации за корисниците се претставени нејасно, а во некои случаи се појавуваат сомнежи за нивната автентичност.
Секторот бил набљудуван во октомври 2016 година во сите 28 земји членки. Потврдени биле вкупно 352 интернет-страници, вклучувајќи и страници што нудат резервација на преноќиште, билети за транспорт и изнајмување на автомобили. Некои од нив биле за споредување на цените.
Од Организацијата на потрошувачи на Македонија апелираат до македонските граѓани да отворат четири очи при набавките на туристички услуги.
– Тоа се странски страници, но има и наши граѓани што ги користат нивните услуги. Затоа препорачуваме да внимаваат на кои интернет-страници ги доверуваат своите лични податоци, броеви на кредитни картички, да внимаваат на реномето на страницата, какви се искуствата на други потрошувачи со таа веб-продавница, да прават споредба на понудите. Доколку има драстични разлики во цените на понудите, очигледно станува збор за нереален попуст или измама – вели Иво Kостовски, правен советник во ОПМ.
Тој потенцира дека досега до Организацијата не стигнала ниту една поплака за проблем со вакво патување.