Home / Новости / Активности / Интервјуа во медиуми / Телеграф: Во Европа забранета, кај нас сè уште достапна: Кукла шпион гледа сè што правите дома

Телеграф: Во Европа забранета, кај нас сè уште достапна: Кукла шпион гледа сè што правите дома

Во играчката, освен микрофон има и камера, па така секој може да гледа што прави детето, може да гледа кога сте дома, кога не сте дома – буквално да ги дознае сите информации за вас. Поради тоа, Организацијата на потрошувачите на Македонија апелира до сите родители да не ја купуваат оваа кукла која служи како уред за прислушување

Паметната кукла „Кејла“, која зборува, сака да ја има секое дете, а освен за нив, примамлива е и за родителите. Тие може да се поврзат преку мобилен телефон со куклата и да зборуваат со детето во секое време, и кога не се дома. Но куклата крие и друга не толку интересна страна. Во повеќе европски земји го доби името „кукла шпион“ или „кукла за прислушување“ и поради тоа е забранета нејзина продажба.

Организацијата на потрошувачите на Македонија апелира до сите родители да не ја купуваат оваа кукла која служи како уред за прислушување. Претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова, вели дека иако куклата ја нема на пазарот кај нас, таа може да се купи преку интернет или, пак, од некоја друга земја.

Куклата е многу примамлива, но има сериозни пропусти во почитувањето на правата на децата на приватност и безбедност, појаснува Иво Костовски, правен советник во ОПМ.

– Куклата „Кејла“ ја нема на нашиот пазар, но може да отидете на патување и да ја купите. Тоа е паметна кукла, во која има сим-картичка има и вифи-уред во куклата. Направена е да биде многу примамлива како за децата, така и за родителите. Куклата е смислена за да може родителот да зборува со своето дете. На пример, родителот е на работа, детето е дома, и тој се јавува на куклата, која се поврзува преку интернет, и му зборува на детето. Но кога родителот му зборува на детето, разговорот не оди директно кај детето, туку оди преку сервер, како на пример Вибер, но во овој случај проблемот е што не постојат сигурносни системи кои прават енкрипција на самиот разговор. Тоа значи дека секој може да го пробие системот и да слуша што родителот му зборува на детето – објаснува Костовски.

Во играчката, освен микрофон има и камера, па така секој може да гледа што прави детето, може да гледа кога сте дома, кога не сте дома – буквално да ги дознае сите информации за вас.

Лончар-Велкова истакнува дека куклата „Кејла“ е како еден вид шпионски уред. Поради тоа, вели таа, во повеќе европски земји е забранета нејзина продажба.

– Холандија и Белгија ја запреа продажбата на овие играчки. Продавниците во Данска, Норвешка и во Шведска нудат поврат на средствата на потрошувачите, во некои случаи и без сметка. Амазон ја запре продажбата на играчките преку продавницата во Шпанија. Во Германија надлежните ја забранија продажбата на играчката со образложение дека се работи за уред за шпионажа – вели Лончар-Велкова.

Таа вели дека производителот на куклата „Џенезиз тојс“ од САД вовел можност и за рекламирање на производи преку неа. Тоа започнало најпрвин со рекламирање на нездрава храна полна со шеќери и масти, што дополнително го зајакнал отпорот против овие играчки, по што се вклучиле и многубројни здравствени организации кои алудираат на забрана за рекламирањето на нездрава храна за децата, особено на ваков начин.

Норвешкиот Совет на потрошувачи подетално ги анализирал условите и техничките карактеристики на куклата „Кејла“ која е наменета за девојчиња и на роботот „Ај-кју“ за момчиња. Тие дошле до заклучок дека има сериозни пропусти во почитувањето на правата на децата на приватност и безбедност.

Погледнете во видеото колку всушност се опасни „паметните играчки“ и како функционира „Кејла“:

Телеграф.mk