Граѓаните измамени од туристички агенции, интернет и други трговци и слично, заеднички полесно доаѓаат до правда и до отштета, но не во Македонија, иако и во нашата законска регулатива го има механизмот колективна заштита на правата на потрошувачите. За да профункционира, потребно е формирање овластени тела кои ќе ја водат постапката, финансиска поддршка на Организацијата на потрошувачи за зголемување на нејзиниот капацитет, но и измена Законот за парнична постапка, зашто во него не е предвидена колективна заштита на потрошувачите, иако е внесена во Законот за заштита на потрошувачите, а за судско постапување на овој начин кај нас нема ни практика.
Споредбена анализа на примената на колективната заштита на правата на потрошувачите во шест развиени земји на ЕУ и во исто толку земји од Западен Балкан покажала дека ситуацијата во нашето опкружување е слична како кај нас. За да се овоможи примена на овој интрумент кај нас, ОПМ во соработка со Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) е дел од проект насловен со “Преземи акција! Вовед во механизмите за колективна заштита, за подобра заштита на правата на потрошувачите#.
– Никој поединечно не би тужел за 180 или 250 денари, но со масовни оштетувања за тие суми претпријатијата се збогатруваат. Колективната заштита најмногу се применува во случаите кога договорите што ги потпишуваат граѓаните имаат нечесни клаузули, кај туристичките патувања, оналјн продажбата, исто така кај продажбата на стоки од кои потрошувачите се повредуваат, за што има и одговорност за штета, појаснува претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија, Маријата Лончар-Велкова и додава дека кај колективната заштита граѓаните не треба да сметаат на некои големи отштети, но добивањето на спорот за нив е огромна сатисфакција.
Таа додава дека кај нас се уште има недостиг во одредбите, но со оглед на тоа дека во подготовка е новиот Закон за заштита на потрошувачи и новата директива, која се однесува на застапување на потрошувачите, која ја менува директивата на судски забрани, овој инструмент ќе може да најде место со што и организациите на потрошувачи ќе го добијат своето место при судската заштита.
Вероника Ефремова од ГИЗ рече дека се работи за двегодишен проект со поддршка од германската Влада, со цел да се зајакне механизмот за колективна заштита на правата на потрошувачите не само во Република Македонија туку и во сите земји во регионот.
– Се работи за компатибилни системи каде што за жал спроведувањето на овој механизам се уште не е на завидно ниво како во Европската Унија. За таа цел ние ги поддржуваме компаративните добри практики на функционирањето на овој систем во шест селектирани земји-членки од ЕУ: Белгија, Шведска, Велика Британија, Германија, Холандија и Франција, кои ќе ги поддржат земјите од регионот во подобрување на капацитетите на надлежните институции, на организациите за заштита на потрошувачите во спроведувањето на механизмот, рече таа и посочи дека една од пречките за спроведување на инструментот е и недоволната информираност и ниската јавна свест кај потрошувачит, но и кај правните субјекти и сите засегнати страни.
Организацијата на потрошувачите на Македонија, презентирајќи го проектот, денеска промовираше и брошура за запознавање на потрошувачите со колективната заштита на нивните права.