Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ) во месец мај потпиша договор за грант со Институтот за европски политики (ЕПИ). ОПМ ќе спроведува 10-месечен проект во кој ќе работи на дигитализација и модернизација на јавните комунални услуги во Општина Охрид.
Со проектот ќе бидат идентификувани проблемите на потрошувачите на јавните комунални услуги на општина Охрид и ќе бидат утврдени предностите и слабости на дигиталните алатки на јавните претпријатија. Исто така ќе биде остварен дијалог за подобрување на достапноста на услугите на јавните комунални претпријатија во општина Охрид преку дигитализација и користење на дигитални алатки и ќе биде подигната свесноста на потрошувачите за придобивките од користење дигитализација при комуникација со јавни комунални услуги.
За избраните грантисти од сите земји од Западен Балкан беше организирана тридневна обука во Белград која опфаќаше два дена посветени на методологијата за размислување за дизајн (design thinking) и еден ден посветен на процедурите за финансиско управување и добрите практики во областа на управување со проекти.
Грантовата шема е дел од проектот „Овозможување на реформа на јавната администрација во Западен Балкан – WeBER 3.0“ спроведуван од мрежата на граѓански организации „Мисли за Европа“ (Think for Europe), финансиран од Европската Унија, претставена од Европската комисија и кофинасиран од Австриска развојна агенција.