Home / Новости / Активности / Можностите за алтернативно решавање на потрошувачки спорови и заштита на нивните права

Можностите за алтернативно решавање на потрошувачки спорови и заштита на нивните права

Организацијата на потрошувачите на Македонија во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите на Владата на Република Северна Македонија, а во координација со претставници на Универзитетот на Југоисточна Европа и Универзитетот„ Св.Климент Охридски“- Битола, одржа две интерактивни онлајн трибини за студентите на тема: Можностите за алтернативно решавање на потрошувачки спорови и заштита на нивните права, преку платформата ZOOM.

Преку овие две трибини над 60 студенти имаа можност да се запознаат со предностите на алтернативното (спогодбено) решавање на потрошувачките спорови во ЕУ, преку презентација на Директивата за ARС (алтернативно решавање на спорови) помеѓу потрошувачите и трговците и националната регулатива која се однесува на спогодбено решавање на спорови. Во Република Северна Македонија се уште не е транспонирана ЕУ директивата за АРС и од тие причини беа презентирани можностите и временската рамка за транспозиција на оваа директива, со цел нашето законодавство да биде усогласено со европското право.

Едната трибина беше одржана на 18.11.2020, на која учествуваа студенти од Универзитетот на Југоисточна Европа, а воведно обраќање имаа г-ѓа Нериман Џеладини, Раководител на Секторот за внатрешен пазар при Министерството за економија и проф. д-р Абдула Азизи на Универзитетот на Југоисточна Европа. Преку своите предавања интерактивно учество од страна на студентите обезбедија проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска на Правниот Факултет Јустинијана Први- Скопје и Д-р Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачите на Македонија.

Другата трибина се одржа на 23.11.2020, на којашто учествуваа студенти од Универзитетот„ Св. Климент Охридски“- Битола, од различни насоки на ФТУ-Охрид и од Правниот Факултет-Кичево, како и од дисперзираните Студии во Битола. Воведно обраќање имаа г-ѓа Нериман Џеладини, Раководител на Секторот за внатрешен пазар при Министерството за економија и проф. д-р Светлана Вељановска, Претседател на Сенатот при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола и проф. на Правниот Факултет во Кичево. Предавачи на трибината беа проф. д-р Јадранка Дабовиќ Анастасовска на Правниот Факултет Јустинијан Први-Скопје, проф. д-р Ристо Речкоски на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, при Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола и Д-р Маријана Лончар Велкова, претседателка на Организацијата на потрошувачите на Македонија. На трибината учествуваа и претставници од потрошувачките организации, од ОПМ, ОП Битола, ОП Охрид и претставници од Министерството за економија.