Home / Consumers4Sustainability / Медиуми / Граѓаните незадоволни од сервисите за мобилни и од салоните за мебел – До ОПМ пристигнати 2.600 поплаки

Граѓаните незадоволни од сервисите за мобилни и од салоните за мебел – До ОПМ пристигнати 2.600 поплаки

Во изминатиот период до Организацијата на потрошувачите на Македонија – ОПМ пристигнеле 2.600 поплаки, жалби и прашања од потрошувачите. Најголем дел од потрошувачите се жалеле на неисполнетите законски права, декларациите, цената што е различна со онаа на каса.

-Како најголем проблем и понатаму остануваат техничките апарати и уреди за домаќинството, а најмногу кај мобилните апарати и кај мебелот. По добивањето на жалбите заедно реагираме до трговецот, а потоа и до државните инспекторати или до други институции и регулатори кои имаат управна моќ да можат да ги заштитат нивните права. Ние како невладин сектор не можеме да ги штитиме на тој начин и не можеме да дадеме решение како да се постапи, но поттикнуваме и мониторираме на кој начин се штитат тие права од страна на инспекциските органи, изјави претседателката на Организацијата на потрошувачите на Македонија – ОПМ, Марија Лончар Велкова пред почетокот на одбележувањето на 15 Март, Светскиот ден на правата на потрошувачите.

Истакна дека најголем дел од поплаките се однесуваат на мобилните телефони особено во делот на нивната поправка и кој е надлежен да го поправи телефонот, како и каде да се однесе на поправка.

-Проблемот е со сервисерите кои обично ги криват граѓаните дека направиле некакво оштетување на телефонот. Многу поплаки има за мебелот. Кога нарачуваат мебел граѓаните треба да имаат договори. Обично плаќаат авансна уплата и потоа доколку сакаат да ја откажат нарачката тешко се раскинува договорот. Покрај тоа, добиваат оштетен мебел, друг вид на мебел, различна боја од нарачката,… Проблем има и кај другите апарати и уреди за домаќинство, додека во делот на храната и прехранбените производи немаме поплаки, бидејќи инспекторите добро си ја вршат работата, а има и отворена линија во Агенцијата за храна и ветеринарство и потрошувачите директно се јавуваат кај нив. Кај храната проблем е со читливоста на декларацијата, бидејќи луѓето не можат да прочитаат што пишува и кој се нутритивните својства на производот, а некои и не се на македонски јазик или не се целосно и точно преведени, рече Лончар Велковска.

Во последниов период, како што кажа, голем дел од граѓаните се жалат околу новата состојба со која се соочуваме со замрзнатите цени и маржи.

-Граѓаните се жалат и се јавуваат кај нас бидејќи не можат да знаат дали навистина ДДВ е 0. Се очекува промена на фискалните каси за да може на сметката што ја добиваат да го проверат тоа и да видат дали данокот е 0. Кај маржите, пак, не можат да контролираат и тука настапува Државниот пазарен инспекторат и се применува една од мерките предвидена во Законот за заштита на потрошувачите врз основа на нечесната пазарна пракса која и како директива е поместена во Законот за заштита на потрошувачи во Европската Унија, а се зборува и за измамното огласување или означувањето на цените, рече Лончар Велкова и нагласи дека ако веќе се донесува одлука за цени со ограничена маржа треба и да се почитува.

Препорача да се предвидат уште некои мерки во делот на храната за доенчиња и одредени козметички производи.

Како што нагласи во нашата држава потрошувачите се штитат уште од 1996 година, а првиот закон за заштита на правата на потрошувачите е донесен во 2000 година. Во 2004 година е донесен нов закон и тој многу пати е менуван,  а во моментов во тек е донесување на нов закон и Стратегија за заштита на потрошувачи.

-Имаме програми за заштита на потрошувачи на централно ниво донесени од страна на Владата. Се очекува да започне имплементација на Програмата за заштита на потрошувачи 2022 година, а претходната е веќе имплементирана. Ја имплементиравме ние со уште пет организации, рече Лончар Велкова.

Светскиот ден на правата на потрошувачите се одбележува од 1985 година. Станува збор за Резолуција на Обединетите нации во која се воспоставени насоките за заштита на правата на потрошувачите. Осумте насоки за заштита на правата на потрошувачите се прифатени од Европската Унија и врз нивна основа насекаде во светот се развива потрошувачкото право и политики. Со тоа всушност се штитат потрошувачите со законски мерки и политики за заштита на потрошувачи, како и со други поблаги мерки.