Организацијата на потрошувачите на Македонија ги советуваше потрошувачите, кои за разлика од минатите периоди, во првиот квартал на 2017-та година во сѐ поголем број решија да се обратат до нас преку мејлот за советувања, социјалните мрежи и формуларот на веб-страницата на ОПМ. Ги охрабруваме потрошувачите да ги користат овие методи на комуникација како поефикасни и побрзи, но секако сѐ уште сме достапни и преку конвенционалните начини за советување преку телефонскиот број.
Најголем број на поплаки на потрошувачите беа во врска со производи, а потоа за комуналните услуги, останатите услуги и општи случаи, каде што потрошувачите се жалеа на попусти, рекламации, интернет купување, измами и сл.
Кај производите најголем број на поплаки имаше за техничките апарати, што во континуитет е најчест проблем на потрошувачите. Во овој домен повторно предничат проблемите со сервисирањето и гаранцијата на мобилните телефони.
Во однос на производите за лична употреба, односно највеќе за обувките и облеката, бројни поплаки на потрошувачите пристигнаа за производи кои премногу брзо појавиле недостаток, се одлепиле, избледеле или се скинале при само неколку носења.
Поради саемот за мебел, се забележува во овој период зголемен број на пријави за проблеми при купувањето на мебел. Пред сѐ ова се однесува на доцнење на испораката и неквалитетна изработка на мебелот.
Во делот на јавните услуги има мала разлика во бројот на поплаки за телекомуникациските услуги и за комуналните услуги, и мал број на пријави за електричната енергија како посебен вид на јавна услуга.
Потрошувачите пријавуваа проблеми со функционирањето на СИМ картичките, често губење на мрежата и намалување на вредноста на пакетот кој го имаат по спојувањето на два телекомуникациски оператори.
Кај комуналните услуги иако поплаките во споредба со другите услуги се помалку бројни, сепак суштината на проблемот е значително поголема во однос на другите услуги или проблемите со производите, со оглед на тоа што комуналните услуги ги чинат граѓаните во просек околу една третина од семејниот буџет на просечно семејство во Р. Македонија. Во овој домен најголем број од случаите се потрошувачи кои се жалеа на големи долгови кон одредено јавно претпријатие, закани односно за исклучување од мрежата, незаконити обиди за наплата на застарени долгови проследени со уценување на потрошувачите итн. Многу голем број на социјално загрозени семејства се соочени со проблеми во остварување на своите права во односите со минимум едно јавно претпријатие, а често се работи за повеќе јавни претпријатија. Потрошувачите кои се обраќаа до ОПМ во изминатиот период велеа дека се заглавени во лавиринти повеќе од 20 години и дека не гледаат излез од таа ситуација, иако се искористени речиси сите правни лекови. Докажувањето за функционалноста на мерниот инструмент, потребата од навремена интервенција, немањето можност за детално објаснување на проблемот со лице одговорно за решавање на проблемот со кој што се соочува потрошувачот, неажурноста при читање на мерните апарати се само дел од проблемите со кои граѓаните секојдневно се соочуваат.
Сметаме дека проблемите со комуналните услуги се најтешките проблеми со кои се соочуваат потрошувачите, а тоа може да се види и по извештаите на останатите надлежни институции, Народниот правобранител и невладини организации. ОПМ во изминатата година изработи 2 студии преку кои ја презентираше состојбата со комуналните услуги во Р. Македонија преку средби со јавните претпријатија и теренско истражување на мислењето на потрошувачите. Студиите можете да ги погледнете на следните линкови:
1. Зајакнување на организациите на потрошувачите, за подобри комунални услуги во Југоисточна Европа
2. Заштита на правата и интересите на корисниците на основните комунални услуги
Мал број на пријави беа забележани во однос на проблеми на потрошувачите при домувањето, купувањето на храна, и користењето на финансиските или здравствените услуги. Единствено може да се примети пораст на бројот на поплаки за управувањето со станбените згради. Потрошувачите се жалеа дека управителите не ги почитуваат своите обврски од договорот, голем дел од времето тие се без функционален лифт, како и тоа дека зградата е континуирана валкана поради тоа што управителот не праќа редовно служба за чистење.
Во поглед на храната потрошувачите се жалеа на етикетите на прехранбените производи во време на велигденските пости, конкретно пријавени се производи кои се означени како посни а во декларацијата е наведено дека може да содржат остатоци од млеко.
Во сите случаи ОПМ ги информираше потрошувачите кои се нивните права и на кој начини можат да ги остварат и ги застапувавме потрошувачите пред надлежните институции во постапките кои се водеа преку ОПМ.