Трикот на производителите е да нудат поголема амбалажа, со помала содржина. Тоа, пак го привлекува окото на потрошувачот кој мисли дека плаќа помалку за да добие повеќе.
Иста цена за помала количина – граѓаните се почесто добиваат помалку од производите што ги купуваат. Производителите, во последните две години наместо да ја коригираат цената на производите кои ги нудат на пазарот, удираат по грамажата. На полиците низ маркетите речиси е невозможно да се најде пакување на шеќер со тежина од 1 килограм или конзерва паштета која содржи 100 грама. Кило леб одамна се преполови и стана 550 грама. Чоколадите најчесто тежат само 90 грама, а и цигарите со години не се по 20 туку по 19 во кутија. Од Организацијата на потрошувачи апелираат, при пазарењето не треба да се гледа само цената и марката, туку и тежината и содржината.
Трикот на производителите, според познавачите е да нудат поголема амбалажа, со помала содржина. Тоа, пак го привлекува окото на потрошувачот кој мисли дека плаќа помалку за да добие повеќе. Ваквата понуда на пазарот удира по џебот на граѓаните.
Вредноста на потрошувачката кошничка во земјава, според податоците од ноември минатата година изнесувала нешто над 32.000 денари, објави Сојузот на синдикати на Македонија. Од нив, дури 42,5 проценти, односно 13.400 денари се пари потрошени за храна и пијалaци.