Home / Новости / Општо / Правна област

Правна област

  • Купив производ за кој поседувам фискална сметка и гарантен лист а кој по дводневна употреба покажа недостаток. Дали имам право да го заменам со нов? Доколку купениот производ покажува недостаток имате право да го вратите во разумен рок со оглед на тоа што производот покажал недостаток веднаш по неговата употреба односно два дена по купувањето. Во вакви случаи вратете го производот веднаш и барајте да ви дадат нов производ или да ви ги вратат парите. Доколку ви предложат сервисирање на производот треба да знаете дека согласно Член 22 од Законот за заштита на потрошувачи производот може да се сервисира најмногу три пати во рамките на гарантниот рок и доколку не се поправи производот потрошувачот има право да бара од трговецот да го замени со ист таков нов и исправен производ или да му го врати платениот износ на потрошувачот за купениот производ.
  • Во рок од колку дена сервисерот е должен да ми го поправи производот кој е во гарантен рок?

Согласно Член 48 од Законот за заштита на потрошувачите недостатоците кои се откриени од страна на потрошувачот, овластениот сервисер мора да ги отстрани во рок од 30 дена од моментот на поднесувањето на барањето од страна на потрошувачот. Во спротивно потрошувачот може да поднесе пријава до Државниот пазарен инспекторат кој по постапувањето ќе донесе решение со кое ќе го обрзе трговецот на потрошувачот да му даде нов производ. За производите кои служат за потрајна употреба трговецот е должен, по приемот на барањето од потрошувачот, веднаш да му достави соодветен производ кој потрошувачот ќе го користи за време на поправката на производот.

  • Учествувавме на наградна игра од еден наш реномиран производител на безалкохолни пијалаци. Ни беше ветена награда, меѓутоа производителот заради недостиг на награди ја прекина наградната игра пред истекување на предвидениот рок, а нас не остави без ветените награди иако ги исполнувавме условите за истите. Кои се нашите права?

Според Член 7 од Законот за заштита на потрошувачите трговецот кој при понудата на производот или услугата на потрошувачот му ветува награда, односно дека со купување на производот или давањето на услугата ќе добие награда, должен е таа награда да му ја даде на потрошувачот без одложување.  Пријавете го случајот  до Државниот пазарен инспекторат.

  • Купував во продавница и не ми дадоа фискална сметка. Каде да пријавам?

Неиздавањето фискални сметки може да се пријави во Управата за јавни приходи на телефон 198.

  • Дали пишаните договори обврзуваат посилно од усните?

Погрешно е мислењето дека усните договори не постојат додека не се напишат на хартија. Многу договори не е потребно да добијат пишана форма за да произведат правно дејство и да се исполнат во целост. Основен недостаток на усните договори е што тешко се докажува вистинската волја на договорните страни. Сепак определени законски норми ги обврзуваат страните да случат договори во писмена форма. Такви се на пример договорите за промет со недвижности, засновање на залогата и хипотеката, закупот на недвижности земја, станови, деловен простор изградба и реновирање објект итн.

  • Колку пати продавачот може да го сервисира производот во гарантен рок?

Производот може да се сервисира најмногу трипати во рамките на гарантниот рок и доколку не се поправи има право да бара од производителот да го замени со нов производ или да му ги врати паричните средства.

  • Во кој рок може да се врати производ купен преку ТВ Шоп?

Можете да го вратите производот и да барате враќање на парите во рок од осум работни дена.