Home / Сертификати / Штедилница Можности се стекнаа со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“

Штедилница Можности се стекнаа со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“

Штедилница Можности се стекна со сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ кој го доделува Организацијата на потрошувачите на Македонија врз доброволна основа.

Доделувањето на сертификатот претставува потврда дека Штедилница Можности е ориентирана кон почитување на правата на потрошувачите и дека посветено се грижи за задоволството на потрошувачите во сите области на делувањетo.

Сертификатот „Фер финансиски услуги за потрошувачите“ се доделува заради исполнетоста на критериумите во шест одделни области кои се битни за потрошувачите, а се однесуваат на: обезбедување точни, недвосмислени, разбирливи и навремени информации, примена на чесни пазарни практики, овозможена комуникација и пристап кон Штедилница Можности за различни категории лица, воспоставен систем за одговорно управување со поплаки од потрошувачите, како и едукација на потрошувачите и развој на финансиската писменост.

„Задоволство ни е да го поздравиме пристапувањето на Штедилница Можности кон процесот на сертификација. Во сите наведени области штедилницата ги исполни условите и се стекна со сертификатот – Фер Финансиски услуги за потрошувачите. Сертификатот ја верификува обврзаноста на Штедилница Можности да негува примерен однос кон потрошувачите, а со тоа да придонесе кон нивната доверба и задоволство,“ изјави претседателката на ОПМ, д-р Маријана Лончар Велкова.

Сертификацијата се одвиваше врз основа на критериуми за верификација на исполнетоста на критериумите во наведените шест области, а е дел од ЕУ проектот за унапредување на заштита на потрошувачите и застапување на нивните интереси во финансиските услуги. Проектот е спроведуван од ОПМ, а финансиран од oперативен грант од Програма за потрошувачи на Европската унија (2014-2020) преку Европската организација на потрошувачите (BEUC).