ПРОЕКТ – ПОТРОШУВАЧИТЕ ЗА ОДРЖЛИВОСТ – ИНСТИТУЦИОНАЛИЗИРАЊЕ НА ДИЈАЛОГОТ ЗА ЛОКАЛНИ ПОЛИТИКИ И УСЛУГИТЕ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО КОН ОПШТИНИТЕ И БИЗНИСОТ
Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, Женската граѓанска иницијатива – Антико и Стопанската комора на мал бизнис, го спроведуваат проектот „Потрошувачите за одржливост – институционализирање на дијалогот за локалните политики и услуги на граѓанското општество кон општините и бизнисот“. Проектот, кој е финансиран од Европската Унија, има за цел да воспостави партнерски однос меѓу локалните самоуправи, претпријатијата формирани од страна на општините и Градот Скопје, граѓанските организации и локалните бизниси, со цел унапредување на заштитата на потрошувачите, подобрување на заштитата на животната средина и примена на Зелената агенда на Европската Унија, како и вградување на родовата компонента во овие локални политики.
Во рамки на проектот: „Потрошувачите ЗА одржливост – институционализирање на дијалогот за локалните политики и услугите на граѓанското општество кон општините и бизнисот“ што го финансира Европската Унија, се предвидува:
- Утврдување и спроведување на политиката за заштита на потрошувачите и политиката за одржлива потрошувачка на локално ниво (преку креирање програми и усвојување на акциони планови со мерки за унапредување на заштитата на потрошувачите, енергетската ефикасност и родовата еднаквост);
- Зајакнување на капацитети на преставниците од граѓанското општество, комуналните јавни претпријатија, општинскиот деловен сектор за креирање, спроведување и следење на родово чувствителни јавни политики, програми и буџети во областа на заштитата на правата на потрошувачите и корисниците на јавни услуги.
- Поттикнување на политики и услуги за заштита на потрошувачите и одржлива потрошувачка преку сертификација на комуналните јавни претпријатија за фер однос кон потрошувачите и сертификација за енергетска ефикасност за локалниот бизнис сектор;
- Утврдување еколошки критериуми за спроведување зелени јавни набавки во општините, комуналните јавни претпријатија и приватните бизниси во локалната самоуправа, што е во корелација со Зелениот договор на ЕУ;
- Поддршка на претпријатијата кои даваат јавни услуги од видот на: депонирање отпад, водоснабдување и канализација, јавен превоз и јавно осветлување да усвојат еколошки, родово чуствителни и одговорни практики преку примена на ефикасен систем за спогодбено решавање спорови со потрошувачите;
Очекуван резултат од проектот е развиен политички дијалог и партнерство за обезбедување услуги помеѓу локалните власти, граѓанското општество и локалните бизниси што ги заштитува потрошувачите и промовира родово чуствителна и одржлива потрошувачка. Дополнително, се очекува дека проектот ќе ја подигне свеста на граѓаните и ќе ги едуцира за донесување одржливи одлуки како потрошувачи и ќе ја унапреди нивната заштита преку новите модели на партнерство.