Права на пациенти

  • Не сум задоволен од извршената стоматолошка услуга во приватна ординација. Каде можам да се пожалам? Можете да се пожалите до Стоматолошката комора  на Република Македонија која ќе ја провери стручноста на изведената стоматолошка услуга и доколку е потребно соодветно ќе го казни лекарот.  Но надоместа на штета ќе морате да ја остварите по судски пат.
  • Купив лек кој нема декларација за употреба  на македонски јазик. Каде да пријавам?

Случајот можете да го пријавите во Бирото за лекови.

  • Лекот кој го купив е со изминат рок. Дали може да го вратам?

Може да побарате да ви се замени лекот кој е со изминат рок и случајот да го пријавите до Бирото за лекови.

  • Кога и во кои случаи осигуреното лице има право на лекување во странство?

Осигуреното лице има право на лекување во странство во следните случаи:

  1. кога се исцрпени сите можности за лекување во здравствените установи во Републиката, а пстои можност за успешно лекување на тоа заболување во друга земја;
  2. ако лицето е упатено на привремена работа во странство, од страна на работодавачот; и
  3. кога лицето привремено престојува во странство поради службено или приватно патување, студијски престој, школување и  стручно усовршување, престој во врска со меѓународна техничка, научна и културна соработка исл.
  • Кога е остварено правото за медицинска рехабилитација?

Болниот остварува право на медицинска рехабилитација по правило во амбулантски услови во најблиската здравствена установа која врши медицинска рехабилитација, со упат од избраниот лекар , а на предлог од специјалист  од соодветната специјалност. Во колку болниот има потреба од медицинска рехабилитација во болнички услови, тогаш покрај упатот од избраниот лекар,издаден по предлог од лекар специјалист од соодветната специјалност е потребно и мислење и оценка на лекарската комисија на Фондот.

Болниот има право и на специјализирана медицинска рехабилитација, како продолжено болничко лекување. Тоа право се остварува ако тој се наоѓал на болничко лекување најмалку 10 дена со  започната рехабилитација која  не може да се продолжи во истата здравствена установа, туку во специјална болница за медицинска рехабилитација. Ваквото право болниот може да го оствари во рок од еден месец по завршеното болничко лекување , односно во рок од 6 месеци по прележан на пр. инфаркт на срцето. Ова право се остварува со решение на Фондот, врз основа на отпусно писмо за завршено болничко лекување, конзилијарно мислење од болницата каде се лекувал болниот и врз основа на наод,оценка и мислење на лекарската комисија на Фондот. Специјализираната рехабилитација може да трае најмногу 21 ден, а во исклучителни случаи и до 30 дена и тоа само еднаш во текот на една година.

  • Кога осигуреното лице има право на домашно лекување?

Осигуреното лице има право на домашно лекување доколку не е неопходно болничко лекување, а болниот не е во состојба амбулантски да се лекува.Тоа се остварува во случј на:

  1. неподвижни или слабо подвижни болни,
  2. хронична болрст во фаза на влошување или компликации,
  3. после сложени оперативни зафати, кога е потребно превивање и нега на раната,
  4. продолжување на болничкото лекување во домашни услови, по предлог на болничката здравствена установа каде се лекувал болниот.
  5. кај болни во терминална фаза на болеста.

Потребата од домашно лекување ја утврдува лекар специјалист од соодветна специјалност.

Домашното лекување го спроведува избраниот лекар или медицинска сестра од тимот на избраниот лекар, односно специјализирана организациона единица за домашно лекување.

  • Дали осигуреното лице има право на  користење санитетско возило?

Осигуреното лице може да користи санитетско возило во итни случаи и кога болниот, односно повредениот поради неподвижност или ограничена подвижност не може да користи превоз со јавниот сообраќај.

Потребата од превоз со санитетско возило ја утврдува избраниот лекар или лекарот од болничката здравствена установа каде се лекувал болниот.

Осигуреното лице има право на санитетско возило и во случај на лекување во странство, по предлог на лекарската комисија за упатување на лекување во странство или по предлог на надлежниот лекар од болничката здравствена установа во странство каде се лекувал болниот.