Home / Новости / Храна / Стоп за рекламирањето на нездрава храна на Светското Првенство во фудбал!

Стоп за рекламирањето на нездрава храна на Светското Првенство во фудбал!

Consumers  International ја лансира медиумската кампања употребувајќи го хаш-тагот #JunkFoodWorldCup да привлече внимание на тоа како Светското Првенство се користи за рекламирање на нездрава храна. Кампањата е дел од глобалниот повик на CI за преземање на акција против нездравата исхрана.

CI побара од потрошувачите да достават слики од реклами или од самите амбалажи на производите каде е поставена реклама за светското фудбалско првенство во Бразил 2014 година, а се работи за прехранбен производ кој има високо количество на шеќер, сол или масти. Овие примероци можат да бидат доставени користејќи го хаштагот #JunkFoodWorldCup.

“Доколку децата го видат својот омилен фудбалер како рекламира чипс или друг исклучително солен производ, тие го поистоветуваат тој производ со одреден спорт и спортски активности, и го третираат како здрав начин на исхрана и живот“.

Светското првенство во фудбал е совршена можност за компаниите да ги рекламираат своите производи, поради масовната гледаност и медиумска покриеност што ја добива истото, на глобално ниво. Се претпоставува дека ќе бидат потрошени 2.3 милијарди американски долари само за рекламирање за време на светското првенство во фудбал, на глобално ниво.

Твитер изјави дека само во периодот пред почетокот на светското првенство има повеќе твитови на оваа тема, од вкупно твитови за време на траењето на претходното светско првенство во 2010 година во Јужна Африка.

Маркетинг агентите веќе долго време работат на пласирање на производите на светското првенство преку нови креативни реклами. Па затоа, според истражувањата на маркетинг агенцијата „Нилсен“, порастот на продажбата на чипс и чоколади бил за 10% до 37% поголем по почетокот на светското првенство 2010 во Јужна Африка, него во истото време претходната година.

Вниманието на кампањата на CI е насочено кој тоа како со помош на реклами се зголемува продажбата на нездрава храна за време на спортски настан. Ана Глајзер, менаџер за програмата за храна во CI вели: „Употребувајќи ги фудбалерите и други слики кои репрезентираат спортски активности, за рекламирање на храна која содржи високи количини на сол, шеќер или масти, дава погрешен впечаток за самите производи“.

„Влијанието врз децата е огромно и тоа е загрижувачко, поради тоа што тие пред сè производите ги гледаат и оценуваат по самата амбалажа и сликите на неа, а не по составот. Па така, кога ќе ставите фудбалер на обвивката  на чоколадото, тие ќе го перципираат како здрава храна.“

CI предложи владите да воведат легислатива со која ќе се контролира рекламирањето на нездравите прехранбени производи, особено тие чијшто таргет се децата, со тоа што би се забранило секој вид на рекламирање кое може да предизвика забуна кај децата за храна која содржи високо количество на сол, шеќер или масти, дека е здрава храна.

CI исто така предлага забрана или рестрикција на можноста компании и брендови кои произведуваат нездрава храна да се рекламираат за време на интернационални настани.

Организацијата на потрошучите на Македонија се придружува на оваа кампања на CI и ги охрабрува потрошувачите да пратат слики преку социјалните мрежи со хаштаг #JunkFoodWorldCup.