Home / Новости / Општо / Извештај за Република Македонија за 2018-та година на Европска Комисија

Извештај за Република Македонија за 2018-та година на Европска Комисија

Подглавје 28: Заштита на потрошувачите и здравјето

Правилата на ЕУ ги штитат потрошувачите во однос на безбедноста на производите, опасните имитации и одговорноста за неисправни производи. Исто така, ЕУ обезбедува високи заеднички стандарди за контрола на тутунот, крв, ткива, клетки и органи, правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита и сериозни прекугранични здравствени закани, вклучувајќи и заразни болести, како и лекови за човечка и ветеринарна употреба.

Државата остана умерено подготвена, но во областа на здравствената заштита нема напредок.

Бидејќи повеќето од препораките од минатата година не беа спроведени, државата треба, во следната година:

  • да ја усогласи правната рамка за заштита на потрошувачите со европското законодавство и да ги зајакне оперативните структури за заштита на потрошувачите;
  • да ги зголеми одржливоста, ефикасноста, економичноста и квалитетот на услугите во областа на заразните болести и да ги спроведе препораките од Техничкиот Извештај за проценка на капацитетите на земјата во областа на заразни болести;
  • воспостави регистри за рак и ретки болести.

Што се однесува на правната рамка за заштита на потрошувачите таа делумно е усогласена со европското законодавство. Усогласувањето со општата директива за безбедност на производите и европското законодавство за колективна заштита на правата не е извршено. Државните грантови за организациите за потрошувачи останаа ограничени и покриваат само советодавни услуги и такси за членство во меѓународните организации на потрошувачи, но и покрај тоа потрошувачките организации успеаја да спроведат неколку тематски истражувања, да развијат мобилни апликации, и да издадат голем број брошури и едукативни материјали. Постапката за медијација останува прескапа за потрошувачите. Ресурсите посветени на заштитата на потрошувачите остануваат ограничени. Активностите за подигнување на свеста за прашањата кои не се поврзани со безбедноста продолжија. Надзорот на пазарот во однос на прашањата поврзани со безбедноста на производите треба да се зајакне за да обезбеди ефективна заштита на правата на потрошувачите, како и да се изврши усогласување со европското законодавство во ова поле.

Во однос на јавното здравје, Стратегијата за здравство 2020 која стапи во сила се фокусира на пет главни области и тоа: јавното здравје, незаразните болести и ризик факторите, заразни болести и подготвеност за кризи, здравствениот систем и ресурсите. Сепак дел од набавената софистицирана здравствена опрема се уште не е во употреба, но недостасува и професионален медицински персонал.

Во однос на контролата на тутунот националното законодавство е делумно усогласено со европското законодавство. Спроведувањето контрола на тутунот се влошило во текот на извештајниот период и пушењето во јавност не се казнувало.

Во однос на областа крв, ткива, клетки и органи потребни се дополнителни напори за усогласување со европското законодавство, Во однос на трансплантацијата на бубрези се јавува недостаток на органи за трансплантација и финансирање.

Во областа на сериозни прекугранични здравствени закани, вклучувајќи и заразни болести, Министерството за здравство го прифати Извештајот на Европската комисија за техничка проценка капацитетите на земјата во областа на заразни болести. Потребно е понатамошно усогласување со европското законодавство и европските стандарди во ова поле. Потребна е специјалистичка обука за да се гарантира ефикасна превенција и контрола на заразни болести. Се препорачува зајакнување на капацитетите и инфраструктурата за квалитетен микробиолошки надзор. Треба да се обезбеди соодветно финансирање за рано откривање. Државни средства за ХИВ / СИДА и туберкулозата се обезбедуваат, откако Глобалниот фонд се повлече од регионот. Треба да се зајакне контролата врз издавањето рецепти за антибиотици.

Во однос на правата на пациентите во прекуграничната здравствена заштита, националното законодавство не е усогласено со европското законодавство. Картичката за е-здравство не се користи, и се уште не се воспоставени електронски медицински регистри. Недостатокот на финансиски средства ја попречува имплементацијата на политиките за јавно здравје. Што се однесува до ретките болести, се уште не се воспоставени регистри на ретки болести, и не се правилно финансирани. Дефиницијата за ретки болести треба да се усогласи со меѓународните стандарди. Финансирањето и пристапот до специјализирани знаења за третман на ретки болести останаа ограничени и нетранспарентни и беа оставени на граѓанските организации или на семејствата. Националното законодавство за лекови за хумана и ветеринарна употреба е делумно усогласено со европското законодавство. Критериумите за формирање за цени за лекови ги одредува Фондот за здравственото осигурување, но лековите опфатени со националното здравствено осигурување се достапни за пациентите само во првите денови од месецот. Треба да се воведат дополнителни мерки за соодветен квалитет и контролите за следливост на лековите за хумана и ветеринарна употреба кои се предмет на паралелна трговија.

Имаше неколку кампањи за подигање на јавната свест за превенција и контрола на не-заразни болести. Националните активности за скрининг за рак продолжија, иако треба да се подобри инклузивноста на сите подобни пациенти во целните групи. Националните и регионалните регистри за рак сè уште не се воспоставени.

Потребни се значителни напори за подобрување на санитарните и човечките ресурси во здравствените установи за ментално здравје.

Во однос на исхраната и физичката активност, има преваленција на дебелината кај децата на 7 годишна возраст.

За спречување на злоупотреба на дроги и намалување на штети, населението на возраст од 17 до 27 години е најмногу изложено на ризик. Најмногу користена дрога е марихуана.

На здравствените нееднаквости, пристапот до здравствени услуги и финансирањето за инвестиции и персонал за третман на лица со тешки физички и интелектуални пречки е слаб, особено кај ромската заедница.