Home / Новости / Активности / Настани и промоции / Одбележување на 15ти Март – Светски ден на правата на потрошувачите – 2014

Одбележување на 15ти Март – Светски ден на правата на потрошувачите – 2014

Со презентација на тема „Остварените резултати во заштитата на правата на потрошувачите – кодекси на добра практика“, Министерството за економија во соработка со Стопанската комора на Македонија го одбележаа Светскиот ден на правата на потрошувачите, на која учество земаа претставници од, Агенција за храна и ветринарство, Агенција за електронски комуникации, Организацијата на потрошувачите на Македонија, како и претставници од здруженијата и групациите при Стопанската комора на Македонија и Сојзот на стопанските комории кои потпишале кодекси на добра практика.

Од Државниот пазарен инспекторат беше истакнато дека најчести проблеми се јавуваат кај несоодветно истакната цена, немање декларација или гаранција, заведување со реклами, неиздавање фискални, условувања – со еден производ да се купи друг, измами со наводни сезонски намалувања и сл. Потрошувачите се жалат и на купени производи со скриен недостаток, лош квалитет (кај обувки, мебел, техника), несоодветна услуга, нечесно пазарно однесување, неисполнување договори особено при туристичките патувања во однос на превозот или сместувањата, а од техничките производи, рекламациите најчесто се однесуваат на апаратите за домаќинство. “Најчесто поплаките се решаваат во полза на потрошувачите, дефектот е бесплатно е отстранет, производот е заменет со соодветен од иста трговска марка или договорот е раскинат и платениот износ е вратен. Постојат и случаи, иако мал број, кога потрошувачот нема законска основа да ги оствари своите права. Тогаш помага само добрата волја на трговецот“, истакнаа од Државниоот Пазарен инспекторат. Минатата година инспекторатот извршил 2.734 редовни, 524 контролни и 944 вонредни надзори. Добиени се 944 претставки од потрошувачи и по нив е постапено. За утврдени неправилности се поднесени 34 барања до основните судови и 64 до прекршочната комисија, додека во управна постапка се донесени 53 решенија.

Од страна на АХВ беше информирано дека по пријава на купувачи минатата година се уништени 10.483 килограми небезбедна храна. Бројот на претставките голем, а најбројни се забелешките за немањето добра хигиенска и производна пракса, како и ХАЦЦП. „Од 2010 година расте бројот на претставки што покажува дека се унапредени политиките за заштита на потрошувачите, но е подигната и јавната свест. Купувачите бараат безбедни производи, соодветно означени“, посочија од Агенцијата за храна и ветеринарство, додавајќи дека кај нив, се поднесени 281 претставка во делот безбедност на храната и се изречени четири прекршочни пријави.

Од страна на Организацијата на потрошувачи беше укажано дека граѓаните најмногу реагирале на услугите во мобилната и фиксната телефонија, наспроти делот храна и право на пациенти. Паѓање или прекини на мрежата, продолжување договори без претходно консултирање со корисникот, задоцнети сметки или испраќање застарени долгови, наплатување услуги кои не ги барале, неразбирливи наградни игри, според ОПМ, се најчестите поплаки.

Минатата година голем број компании – членки на стопанските комори на доброволна основа потпишале кодекси за добро пазарно однесување чија цел е да се влијае на фер конкуренцијата и да се заштитат потрошувачите.

“Од етичките кодекси бенефит имаат и трговците бидејќи на тој начин се зголемува довербата кај потрошувачите, дека производот или услугата подлежат на редовни контроли“, истакна Државниот секретар во Министерството за економија. На крајот од годинава ќе се донесе новата програма за заштита на потрошувачите за периодот 2015-2016, а наредната година ќе се донесе и новиот закон за заштита на потрошувачи во кој ќе бидат вградени сите европски директиви.

На состанокот беше поздравен фактот дека сите засегнати страни веќе седат на заедничка маса ги изнесуваат и разгледуваат проблемите, што не беше случај пред пет до шест години кога „воделе секој своја политика“.

Годинашното мото на Светскиот ден на потрошувачите е „Остварени резултати во заштитата на правата на потрошувачите – кодекси на добра пракса“.

SDC13298